Радијаторите во становите, градинките, училиштата и во установите во Град Скопје треба да бидат топли, иако законски заврши грејната сезона на 15 април. Но, не е така. Жители на Аеродром, Ново Лисиче, Капиштец велат дека им е студено во становите, затоа што парното е толку млако или воопшто го нема, а внатрешната температура им е под 20 степени.

– Снабдувањето со топлинска енергија, во согласност со регулативата, по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена до 30 април, во зависност од временските услови. Конечна одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12°С според податоците од УHMР – велат од Регулаторната комисија

 

Заврши грејната сезона, но тоа не значи дека се исклучени скопските топлани. Согласно со член 43 од правилата за снабдување со топлинска енергија, од 15 до 30 април е некој преоден период кога се следат температурите на дневно ниво и доколку има потреба, се вклучува системот за топлинска енергија.

Тоа значи дека радијаторите во становите, градинките, училиштата и во установите во Град Скопје треба да бидат топли. Но, не е така. Жители на Аеродром, Ново Лисиче, Капиштец велат дека им е студено во становите затоа што парното е толку млако или воопшто го нема, а внатрешната температура им е под 20 степени.

– Парно има, но очигледно е дека ги греат цевките, а не нас. Потопло е да излезеш на балкон отколку да седиш внатре. Барем појако да го пуштат греењето – вели еден жител на Аеродром.

Некои што имаат клими или греалки, ги вклучуваат за да се стоплат, особено наутро и навечер, кога се пониски температурите отколку прекуден. Други, пак, се дозатоплуваат со ќебиња.

– Поради тоа што ни е студено, дополнително ја вклучуваме климата за да се затоплиме – вели еден жител на зграда во центарот на Скопје.

Дополнителното вклучување греалка или клима за затоплување им е, исто така, трошок на овие жители, со оглед на тоа што поскапеа струјата и парното по Нова година.

Се жалат и воспитувачките во градинките. Велат дека им студи на децата, па бараат од родителите да ги донесат во градинка потопло облечени.

– Што се виновни овие деца што мрзнат во градинките? – револтирана е една воспитувачка во градинка.

Слична е состојбата и во училиштата. Во екот на енергетската криза, дел од училиштата и градинките во Скопје се загреваа со инвертер климатизери, бидејќи парното не работеше. Така што сега ги вклучуваат да ги затоплат занималните и училниците, а тоа е дополнителен трошок.

Од Регулаторната комисија за енергетика информираа дека се следат температурите на дневно ниво и доколку има потреба, ќе биде вклучен системот за топлинска енергија.

– Согласно со правилата за снабдување со топлинска енергија и со тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, грејната сезона заврши на 15 април и сега е преоден период, кој трае до 30 април. Во преодниот период, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени, снабдувачот е должен да обезбеди температура на греење од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории, во времето од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот – велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Управата за јавни приходи за денеска прогнозира дека времето во Скопје ќе биде сончево, со умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе биде променливо облачно и нестабилно, со повремен дожд и грмежи. Температурите ќе се движат од 10 до 24 Целзиусови степени. Такво време нè очекува и в петок, со температури од 8 до 22 степени. В сабота и недела, на првиот ден од Велигден, ќе биде сончево, со умерена облачност и со температури од 4 до 25 Целзиусови степени.

(С. Бл.)   

 

 

 

ИЗДВОЕНИ