Сколс би избркал осум фудбалери на Јунајтед

242
epa11848496 Players of Manchester United celebrate the 1-0 goal during the UEFA Europa League soccer match between Manchester United and Rangers FC, in Manchester, Britain, 23 January 2025. EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Пол Сколс, една од најголемите легенди на Манчестер Јунајтед, даде брутална проценка за актуелниот ростер на клубот, сугерирајќи дека дури осум играчи немаат иднина на „Олд Трафорд“.

Сколс во интервју за ТНТ Спортс ја анализираше ситуацијата во Манчестер Јунајтед од доаѓањето на новиот менаџер Рубен Аморим.

Меѓу неговите заклучоци беа и некои контроверзни одлуки, но и јасни пораки кога е во прашање иднината на клубот. Најголемо изненадување беше ставот на Сколс кон голманот Андре Онана.

Неговите настапи се под лупа на јавноста од неговото доаѓање минатото лето, најмногу поради големите грешки, но легендата на „Олд Трафорд“ излезе во негова одбрана.

„Се уште мислам дека Онана може да покаже многу повеќе. Да бидам искрен со вас, јас би го задржал на голот“, изјави Сколс.

Но, кога беше во прашање одбраната, поранешниот репрезентативец на Англија немаше милост за Матијс де Лигт и Лисандро Мартинез.

Сколс јасно стави до знаење дека не заслужуваат место во Јунајтед и дека треба да се најдат подобри опции.

На удар се најде и англискиот репрезентативец Лук Шо и тоа поради честите проблеми со повредите.

„Ми се допаѓа како играч, но никогаш не е подготвен. Тој треба да биде продаден“, беше коментарот на Сколс.

Слична судбина го чека и Мејсон Маунт, чии чести повреди се повеќе влијаат на неговите перформанси.

Сепак, Сколс застана во одбрана на двајца млади таленти – Алехандро Гарначо и Коби Маино, за кои се зборува дека ќе бидат продадени само поради правилата за профит и одржливост (PSR).

„Лудо е да се размислува за продажба на Маино. Тој е светла точка во иднината на Јунајтед, играч кој може да го носи клубот во следните десет години“, изјави Сколс.

Иако Гарначо имаше предизвици под водство на новиот тренер, Сколс верува дека има потенцијал да биде клучен дел од тимот.

Најголемо внимание привлекоа коментарите на Сколс за Маркус Рашфорд кој веќе бара излез од клубот.

Барселона и Борусија Дортмунд се главните претенденти за неговиот потпис, но пречките околу неговата плата ги забавуваат преговорите.

„Ерата на Рашфорд во Јунајтед завршува, тоа е јасно. Време е за нова средина“, додаде Сколс.

Покрај него, меѓу оние кои Сколс ги смета за вишок се и Антони и Џошуа Зиркзе, додека за Касемиро смета дека веќе е на залезот на кариерата.

ИЗДВОЕНИ