Општините чии проекти беа прифатени на повикот објавен од Министерството за локална самоуправа, вчера, во Владата ги потпишаа договорите за првата транша од предвидените 250 милиони евра. Дел од парите на општините ќе им бидат префрлени од годинашниот буџет, а останатиот дел дополнет со оние средства што недостигаат ќе бидат обезбедени со буџетот за следната година.
Општините што не успеаја да ја комплетираат целата документација имаат рок тоа да го сторат до 15 ноември и повторно да аплицираат.
– Согласно првиот повик на Министерството за локална самоуправа склучивме договори за 274 проекти, во вкупна вредност од околу 4,1 милијарди денари, што ќе бидат инвестирани во изградба на проекти. Така, за образование се предвидени 133 милиони денари предвидени за реконструкции, изградби и модернизирање на училишта и спортски сали и унапредување на условите за образование. Со оваа одлука се опфатени општини како Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други. За транспорт ќе се инвестираат 2,8 милијарди денари, а опфатени се општини како Берово, Аеродром, Битола, Брвеница, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Вевчани, Велес, Врапчиште, Гази Баба, Гевгелија, Гостивар, Градско, Дебар, Делчево, Демир Капија, Дебрца, Демир Хисар, Дојран, Долнени, Ѓорче Петров, Желино, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карпош, Карбинци, Крива Паланка, Крушево, Маврово и Ростуше и други. Овие проекти се инвестиции во локална патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици – нагласи Мицкоски.
Од областа на Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе се инвестираат околу 59 милиони денари за изградба на нови детски градинки во Петровец и Гази Баба. За проекти од областа на спортот се потпишуваат договори во висина од 220 милиони денари и тоа за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови, и спортски сали во општини како Вевчани, Демир Хисар, Центар, Битола, Кавадарци, Чашка и други. За културата и туризмот за што се предвидени близу 200 милиони денари, кои се однесуваат на реставрација на културни знаменитости, туристички атракции, музеи, домови на култура во општините Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба.
– Шеста ставка се проекти од областа животната средина и просторното планирање за што ќе се инвестираат близу 630 милиони денари, за инвестиции во изградба на атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки и други проекти. Со оваа одлука се опфатени општините: Василево, Берово, Шуто Оризари, Пехчево, Пробиштип, Тетово, Бутел, Могила, Делчево, Врапчишта, Липково, Кисела Вода, Чаир, Арачиново, Охрид, Росоман, Чучер Сандево и други – објасни Мицкоски.
Средствата се дел од унгарскиот заем што на 8 октомври во Будимпешта во име на Владата го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Останатите 250 милиони евра од унгарскиот заем треба да бидат наменети за бизнис-секторот.
– Ова е наше клучно ветување до граѓаните и е доказ за нашата посветена работа за инфраструктурни инвестиции и директна поддршка на илјадници граѓани. За само три месеци овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините. Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици се до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра. Сакам да апелирам општините да изработуваат квалитетни проекти и тие ќе бидат реализирани. На овој начин државата враќа на граѓаните и вака го подобруваме реалниот живот на сите луѓе на Македонија – рече Мицкоски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека парите што ги добија ќе бидат наменети за капитални инвестиции што ќе значи вистинска преродба на локалните самоуправи и обезбедување поквалитетен живот за граѓаните.
– Општина Кисела Вода аплицираше со четири големи капитални проекти, кои наскоро ќе станат реалност. Со нив ќе се уреди речното корито на реката Мала Рада, ќе се реконструира патот кон Пеленица и изградба на тротоар, ќе се реконструира улицата „Ѓорѓи Димитров” и ќе се направи доградба на ООУ „Кирил Пејчиновиќ”. Сакам да изразам огромна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Македонија затоа што, за првпат од постоењето на државата, општините и граѓаните добиваат вистинска помош. Неселективно и без никакви поделби – рече Ѓорѓиевски.