Во новата сезона во скијачки скокови, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) ќе ѝ даде поголемо значење на естетиката. Телемарк, односно техниката на слетување во овој спорт, отсега ќе биде особено важна, а неуредните приземјувања ќе се казнуваат со одземање три бода, а не два како што беше досега.
Во пресрет на почетокот на сезоната на Светскиот куп во Лилехамер, оваа недела, „Билд“ ги објави впечатоците на германските ски-скокачи, кои се бесни на одлуката на ФИС.
- Тотална глупост! Ако летате далеку и го расипете телемаркот, нема да бидете на подиумот. Едноставно не е фер – истакна ски-скокачот Маркус Ајзенбихлер.
Неговиот сонародник Карл Гајгер, исто така, е против новата промена, која, според него, може да доведе до контроверзна распределба на бодовите.
- Ние не се занимаваме со уметничко лизгање. Најдолгиот и најдобар скок треба да победи – додаде Гајгер.
Поради промената на ФИС се гневни и германскиот тренер Стефан Хорнгахер и директорот на Германската скијачка федерација, Хорст Хутел, кој истакнува дека е потешко приземјувањето кај висококвалитетните скокови.
- Скоковите во далечина се одлични, но слетувањето со ова правило станува тест на издржливост – вели Хутел.
Андреас Велингер е меѓу ретките Германци на кои им се допаѓа промената. Тој беше познат по прекрасните слетувања.
- Убавите потези повеќе се наградуваат, а лошите се казнуваат. Мислам дека е фер тоа – изјави Велингер, а пренесува „Билд“.
Промената на правилото за прв пат ќе се примени денеска, на мешаното натпреварување во Лилехамер.