Новогодишната турнеја во ски-скокови е можеби најубавото и најгледаното спортско натпреварување изминативе денови, на стартот од новата година. Покрај одличните изданија и големите шампиони, низ повеќе од седумдецениското постоење, ова натпреварување понуди и моменти на кои ќе се сеќаваме со тага.
Пред десет години, на 5 јануари 2015 година, американскиот ски-скокач Николас Ферал доживеа тежок пад во квалификациите за Бишохофен. Тој, при својот скок лошо приземји и остана да лежи неподвижен, па покрај лекарската помош на патеката набргу потоа беше пренесен во болница. Подоцна беа констатирани сериозни повреди, кои го задржаа Американецот во инвалидска количка до крајот на животот.
Деценија по тој страшен пад, Ферал излезе во јавноста и зборуваше за својот живот и скоковите.
- Пред десет години и пред неколку милиони луѓе, мојот живот се промени засекогаш, започна Ферал, продолжувајќи:
- Научив многу лекции, но запознав и многу добри луѓе. Стекнав многу искуства, иако животот ми се промени засекогаш.
Американецот додаде дека доколку би можел би го повторил скокот кој го „врза“ за инвалидска количка.
- Сега кога гледам сè, дефинитивно повторно би го повторил тој скок, ми недостигаат скијачки скокови, додаде Американецот.
Николас Ферал беше репрезентативец на САД, а дебитираше во Светскиот куп во 2009 година и се натпреваруваше до неговиот несреќен пад во почетокот на 2015 година.
Најдобриот резултат во Светскиот куп го постигна на 10 јануари 2009 година, но во скијачките летови, кога на натпреварувањето во Тауплиц го зазеде 23. место.
Инаку, со скоковите во Бишохофен заврши 73. издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, а до титулата стигна 22-годишниот австриски натпреварувач Даниел Шофениг. На тој начин, Шофениг го прекина десетгодишниот пост на Австријците во очекувањето на „Златниот орел“. Штефан Крафт беше последниот Австриец кој победи на новогодишната турнеја во 2015 година.