Маркус Ајзенбихлер веќе подолго време се мачи со повреди поради кои сега реши да стави крај на својата кариера. Среде тековната сезона во скијачки скокови, тој објави дека се пензионира по претходните две години во кои се мачеше, не само со повреди, туку и неколку пати падна при скоковите, а призна дека се борел и со менталното здравје.
Минатата сезона беше многу лоша за него и не стигна ни на Светското првенство, а оваа сезона освен што еднаш заврши осми и собра 69 бода, не направи ништо друго. По ваквите скокови реши дека е доволно и сега е време да ја заврши кариерата по завршувањето на сезоната.
- Размислував многу за тоа во изминатите неколку месеци, а моето чувство на стомакот ми кажува дека е вистинското време. Скијачките скокови беа мојот живот – со подеми и падови, со емоции кои тешко можат да се опишат со зборови. Успеав да славам неверојатни успеси, титули, светски шампионати, победи во Светскиот куп, медали. Успеси за кои сонував како дете. Но, со нетрпение го очекувам и она што следува, нови предизвици, нови искуства и конечно време за работи кои досега беа запоставени, напиша ски-скокачот.
Маркус Ајзенбихлер е 33-годишен Германец кој дебитираше во Светскиот куп во 2011 година. Тој се повлекува од скоковите со 28 подиуми во Светскиот куп и три победи, а најдобра сезона му беше 2020/21. Тогаш беше втор во генералниот пласман со 1.190 бода, далеку зад тогаш доминантниот Халвор Егнер Гранеруд со 1.572 бода. Покрај индивидуалните успеси како дел од германскиот тим, тој беше петкратен светски првак, двапати во машката и трипати во мешаната конкуренција. Освои и олимписки медал во 2022 година во Пекинг како бронзен со Германија и оттогаш неговата кариера се движи во надолна линија.