Жално е што две години тобоганите и базените во Аквапаркот се празни, чекајќи да дојдат посетители. Тој е уште еден важен објект што е запоставен и чека решение од Владата. Иако се обидовме да дознаеме што се случува со него, зошто е нефункционален подолг временски период и дали спортскиот центар „Борис Трајковски“, во чии рамки е тој, има некакво решение за негово возобновување, оттаму, до затворањето на весникот, не одговорија. Затоа, пак, за други медиуми, од спортскиот центар „Борис Трајковски“ изјавија дека работат на долгорочно решение за обновување и реактивирање на Аквапаркот
Единствената главна летна атракција во Скопје – Аквапаркот, кој требаше да привлекува гости и туристи, веќе две години е затворен. Објектот е запуштен, а местото каде што се реквизитите се обраснати со грмушки. Скапите адреналински „играчки“ скапуваат изложени на временските (не)прилики. Владее нехигиена, што е знак дека никој не се грижи за него, иако тоа беше инвестиција вредна 4,2 милиони евра, државни пари.
Жално е што две години тобоганите и базените се празни, чекајќи да дојдат посетители. Аквапаркот е уште еден важен објект што е запоставен и чека решение од Владата.
Иако се обидовме да дознаеме што се случува со него, зошто е нефункционален подолг временски период и дали спортскиот центар „Борис Трајковски“, во чии рамки е тој, има некакво решение за негово возобновување, оттаму, до затворањето на весникот, не одговорија. Затоа, пак, за други медиуми, од спортскиот центар „Борис Трајковски“ изјавија дека работат на долгорочно решение за обновување и реактивирање на Аквапаркот.
Ова место за забава и релаксирање, кое се простира на површина од 12.000 квадратни метри, на радост на скопјани, беше отворено во јули 2013 година, во времето кога Никола Груевски беше премиер. Градежните работи ги изведоа фирмите „Жикол“ од Струмица, „Електроунион“ од Скопје и турската „Полин“.
Содржи 10 тобогани, базен за деца, базен со бранови, мрзлива река, административна зграда со ресторан, три кафе-бара, санитарни јазли, соблекувална и простор за прва помош.
(А.П.) – Фото: Ѕвонко Плавевски