Скапиот јаглен е причина за високата производствена цена на струјата на ЕСМ, а неквалитетниот за постојани испади во РЕК Битола. Со оглед дека немаме доволно домашно производство на јаглен мораме да увезуваме, а увезениот освен тоа што е двојно поскап од домашниот, прави проблем во работата на блоковите во РЕК Битола кои се направени за да работат на домашен јаглен. Ова го констатираат енергетските експерти, според кои скапиот и неквалитетен јаглен ја качува цената на домашното производство на струја. Друг проблем, како што велат се старите и дотраени енергетски капацитети и техничка опрема која бара итна замена.
-Причина за високата цена на струјата од домашно производство не се само старите и дотрајани капацитети, туку и скапиот јаглен. Цената на јагленот е најголем проблем. Ние немаме доволно домашен ископ на јаглен и мораме да увезуваме, а увозниот јаглен прави проблем на блоковите во РЕК Битола. Постојката во Битола е направена да работи на домашниот јаглен. Увозниот јаглен освен тоа што е двојно поскап прави проблеми на котелот кој треба да го согори. Не се работи за тоа дали е квалитетен во однос на топлинската моќ, туку по својот состав одговара на нашите постојки, изјави за весникот ВЕЧЕР, енергетскиот експерт и универзитетски професор, Константин Димитров.
Тој додава дека за да може правилно да го согорува неквалитетниот јаглен го мешаат со мазут и поради тоа се случуваат испади во РЕК Битола.
И енергетскиот експерт Атанаско Туневски смета дека скапиот и неквалитетен јаглен е причина за скапото домашно производство на струја.
-Треба да се настојува да има домашен јаглен по што пониска цена. Тука се поставува прашањето дали имаме доволно јаглен и дали имаме доволно квалитетен јаглен. И ако немаме доволно количества мора да увеземе и ако немаме квалитет мора да увеземе. Исто така проблем и цената на јагленот која е многу качена. Поради тоа треба да увеземе од каде што е најевтин, но мора да го гледаме и квалитетот. Ако е неквалитетен мора да ставаме мазут, а мазутот е скап и дополнително ја крева производствената цена на струјата и прави штета на постројките кои се направени да работат на јаглен, изјави за весникот ВЕЧЕР, Туневски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека испадите во РЕК Битола ќе продолжат, но ќе имаме безбедно снабдување со струја оваа зима.
-Ситуацијата со РЕК „Битола“ е таква каква што е. Се работи за стар објект од над 40 години. Во последниве години увезуваме јаглен и се прави микс со домашниот јаглен, кој е со послаб квалитет, поради тоа има чести испади на термоблоковите во РЕК „Битола“. Од тоа не може да се побегне, тоа е реална ситуација во државата, но треба да се преземаат мерки да се намалат овие испади што е можно повеќе. Да се каже дека нема да имаме испади во РЕК „Битола“, тоа значи дека не се кажува вистината. Затоа сите мерки што се преземаат се со цел ЕСМ финансиски да се стабилизира. Тоа е процес што ќе трае, но ние немаме сценарио Б. Без стабилно ЕСМ, Македонија ќе се соочува со сериозни проблеми. Јас верувам дека ќе нема никакви проблеми во однос на снабдувањето електрична енергија до крајните потрошувачи. Да, ќе има проблеми и предизвици, но и кога има испади, ЕСМ обезбедува електрична енергија на слободниот пазар. Не секогаш треба да кажуваме дека кога купува ЕСМ струја на слободниот пазар, тоа е лошо затоа што има периоди кога цената на електричната енергија на слободниот пазар е пониска од производствената цена на ЕСМ. Така што не треба секогаш да се проблематизира тоа, едноставно е поевтино да се купи струја на берза отколку да се произведе, изјави Бислимоски.
Од ЕСМ пред два дена соопштија дека првиот блок на РЕК „Битола“ повторно е исклучен од електроенергетска мрежа, поради енормна влага кај депонираниот јаглен. Потребната моќност на термоблоковите може да се постигне само со користење на огромни количини на мазут – што може да доведе до нарушена работа на котелот.
Од СДСМ ја искористија оваа ситуација и обвинија дека средe грејна сезона во РЕК Битола не се копа јаглен од рудникот „Суводол“ со денови. Додека ДПМНЕ беше во опозиција, категорично тврдеа дека нема да има скап увоз на јаглен, односно ќе работат само со домашен јаглен. Спротивно на тоа, веќе со денови не се копа јаглен, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека вистинската причина поради кој е исклучен првиот блок на РЕК „Битола“ не е влага во јагленот, туку тоа што нема јаглен.
-На депонијата за јаглен има само 40 илјади тони што е доволно само за два дена ако работат сите три блока, па сега лесно може да се заклучи зошто работи само со еден блок во РЕК. Енергетскиот систем е клекнат на колена. Срамно и тажно е ова што му се случува на ЕСМ и на РЕК Битола, соопштуваат од СДСМ.
(А.С.)