Македонија бележи пад од 12 места во борбата против корупцијата во однос на 2023 година. Таа и понатаму е во друштво на Суринам, Виетнам, Казахстан и Танзанија. Претседателот на Транспаренси, Благоја Пандовски, вели дека овие негативни резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. За премиерот Христијан Мицкоски логичен е извештајот на „Транспаренси интернешнл“ за Индексот на перцепција на корупцијата во кој се наведува дека земјава во 2024 година бележи пад од два индексни поена во однос на претходната година. Според Мицкоски, падот е резултат на „сите оние злоупотреби на европско знаме, коруптивни скандали што беа во периодот на минатата Влада. Еден од законите со европско знаменце, на кои мисли Мицкоски, беа и измените на Кривичниот законик преку кои многу функционери се спасија од кривичен прогон. Токму за уставноста и законитоста на измените во ЗКП утре ќе расправат уставните судии, разгледувајќи ја иницијативата на Павле Трајанов |
Додека се чека интерпелација во Собранието на почетокот на март, на која е извесно дека ќе се изгласа недоверба за петорката од Судскиот совет, Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, чија неефикасност резултираше со мониторинг од страна на Европската комисија, токму скандалите во правосудството изминатиот период се најголемата причина за паѓање на Македонија за дури 12 места на скалата на Индексот на перцепција на корупција. На светската скала Македонија има 40 поени и се наоѓа на 88. место, земјава е далеку под минимумот од 50 поени кои се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата, велат од невладината Транспаренси интернешнл. Додека земјава не може да се справи со корупцијата, најмногу во редовите од каде што таа треба се санкционира, нашите соседи Албанија и Косово не поминаа во испорачаните резултати и се далеку пред нас.
-Овие негативни резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори се само дел од скандалите кои го тресеа судството. Минатата година имавме и докажан случај на корупција од еден врховен судија, разрешување на кривичен судија од Кавадаречкиот суд кој се слушнал со обвинет кому му судел дури 97 пати за неколку дена и уште неколку случаи кои се само загребување на површината на судството во кое граѓаните немаат доверба, вели претседателот на Транспаренси, Благоја Пандовски.
Селективната правда и неказнивоста беа дел од главните барања на граѓаните кои масовно излегоа на протестите по прегазувањето на Фросина Кулакова од возачот Васил Јованов. И во овој случај се испитува одговорност на судијката Даниела Алексова-Стојановска за исправноста на нејзината одлука, осудениот да се испрати во дом, наместо во затвор. Речиси а да нема извештај во кој обвинителството и судството се ниско оценети во нивната улога во борбата против корупцијата.
-Првиот чекор од долгиот пат во борбата против корупцијата е нејзината казнивост и генералната превенција која казнивоста ја има во општеството. Се додека ова не се постигне не можеме да очекуваме позитивни резултати на индексот на перцепција на корупцијата, велат од Транспаренси интернешнл.
Лошите резултати СДСМ ги лоцира во неуспешната борба на Владата со корупцијата. Македонија бележи катастрофален пад од 12 места во Индексот за корупцијата за 2024 година, што претставува прво назадување на нашата држава од 2019 година, велат од опозициската СДСМ потенцирајќи дека во нивно време земјава одела нагоре на скалата.
За разлика од тоа, Владата на ДПМНЕ го врати нашиот рејтинг наназад, а земјата ја ставија во групата на најкорумпирани држави во Европа. Одговорноста за овој неуспех е кај Владата, наместо да ја лаже јавноста со празни ветувања и пропаганда треба да покаже системски мерки и реформи за борба со корупцијата. СДСМ останува цврсто посветен на борбата против корупцијата и изградбата на институции кои ќе служат на граѓаните, а не на партиските интереси“, изјавија од СДСМ.
За премиерот Христијан Мицкоски логичен е извештајот на „Транспаренси интернешнл“ за Индексот на перцепција на корупцијата во кој се наведува дека земјава во 2024 година бележи пад од два индексни поена во однос на претходната година. Според Мицкоски, падот е резултат на „сите оние злоупотреби на европско знаме, коруптивни скандали што беа во периодот на минатата Влада.
-Логичен е тој извештај и добро е што се само два поена, мислев дека ќе биде и повеќе. Ако ги забележите сите седум критериуми, ќе видите дека сите се однесуваат во периодот кога е претходната Влада, детално го анализирав. Тоа е добра основа да почнеме да ја подобруваме нашата позиција. Апсолутно ќе го задолжам и денеска на владина седница соодветниот министер да ги детектира слабостите што таму прилично јасно се детектирани и тоа веќе да не ни се повторува, изјави премиерот.
Еден од законите со европско знаменце на кои мисли Мицкоски беа и измените на Кривичниот законик преку кои многу функционери се спасија од кривичен прогон. Токму за нив утре ќе расправаат уставните судии, по иницијатива што ја поднесе поранешниот пратеник Павле Трајанов, откако стапија на сила во 2023 година. Како што наведува Уставниот суд, подносителот на инцијативата навел дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилегирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.
Подносителот Трајанов за весникот ВЕЧЕР вели дека расправата е задоцнета, уште повеќе што со новиот кривичен закон овие одредби што се однесуваа на казните за кривичното дело злоупотреба на службената должност сега повторно се враќаат.
-Иницијативата се развлече, јас барав уште тогаш да се стави привремена мерка на законските измени, но тогаш имаше друга клима во Уставниот суд. Според некои мои сознанија со измените во законот се спасија околу 800 функционери, не само оние крупните на кои им застареа делата туку и многу службеници на пример инволвирани во злоупотреби на јавни набавки. Токму законските измени ја направија лошата сликата кај граѓаните за борбата против корупцијата, нагласува Трајанов.
По критиките од Европската комисија,се планира враќање на членовите 353, 353-в и 354, што ќе овозможи поефикасна примена на Законот за спречување на корупција и против злоупотребата на службената положба, односно да се минимизираат ризици за нејзината злоупотреба за политички или за други неосновани цели. (П.А.)