Полицаец во Хрватска ги „чешлал“ мејловите на колегите и давал тајни информации на криминалец, а тој не престанал да го прави тоа ниту кога криминалецот бил во затвор. Поради сето ова постои можност полицаецот да заврши зад решетки.
Имено, под истрага на полицијата и УСКОК е 34-годишен полицаец од Пореч, кој е осомничен дека од август 2023 година оддавал тајни информации на 33-годишен криминалец, а не престанал да го прави тоа ниту додека криминалецот бил во затвор во Пула. УСКОК соопшти дека бара мерка притвор за суспендираниот полицаец, пренесува хрватски „Вечерњи лист“.
Исто така, постои сомневање дека на 23.3.2024 година и на 15.4.2024 година, полицискиот службеник во повеќе наврати пристапил до Информацискиот систем и другите евиденции на МВР и овие податоци ги пренесувал на сообвинетиот, кој тогаш бил во затвор во Пула.
Врз основа на полицискиот извештај, УСКОК покрена истрага против полицискиот службеник во Пореч и неговиот сообвинет, кому тој неовластено му давал доверливи информации. Без откривање на идентитетот, УСКОК во саботата соопшти дека се товарат за злоупотреба на положбата и овластувањето, фалсификување службена или деловна исправа и поттикнување на злоупотреба на положбата и овластувањето.
Обвинителството тврди дека од 30 август до 8 септември 2023 година, полицаецот од Пореч се согласил со барањето на сообвинетиот да добие информација што законски не можел да ја добие и која му била недостапна. Користејќи ја функцијата полициски службеник и познанство со други колеги, осомничениот во повеќе наврати, „неовластено барал проверка на идентитетот, времетраењето и зачестеноста на комуникациите со одредени адреси на електронска комуникација, наведувајќи лажни причини во барањата за овластување за проверка на овие податоци“.