СКАНДАЛ ВО АРГЕНТИНА: Милеј промовираше криптовалута која зави во црно илјадници инвеститори – опозицијата бара импичмент/ВИДЕО

381

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј се соочува со повици за импичмент откако промовираше малку позната криптовалута, чија цена вртоглаво порасна, а по неговата поддршка доживеа инстантен пад, што доведе до загуби за илјадници инвеститори.

Оваа вест предизвика голем скандал во Аргентина, при што опозицијата го обвини претседателот Хавиер Милеј за промовирање на измама. Кабинетот на претседателот ги отфрли овие обвинувања.

Сѐ започна со твитот кој претседателот го објави на својот профил на платформата Х, каде што го следат повеќе од 3,8 милиони луѓе.

„Овој приватен проект ќе биде посветен на поттикнување на растот на аргентинската економија“, напиша тој, со линк до проектот за криптовалути „$LIBRA“.

Неколку часа подоцна, Милеј ја избриша оваа објава, а во друга изјави дека нема никаква врска со иницијативата.

„Не бев запознаен со деталите за проектот и откако бев информиран, решив повеќе да не го промовирам“, изјави тој.

На прашањето на Си-ен-ен, тимот на Хавиер Милеј го опиша инцидентот како грешка. Си-ен-ен се обрати до Националната комисија за хартии од вредност, регулатор на пазарот на капитал во Аргентина, за да утврди дали ќе преземе нешто.

Претседателството најави истрага за случајот во саботата, велејќи:

„Претседателот Хавиер Милеј одлучи веднаш да ја вклучи Антикорупциската канцеларија за да утврди дали имало недолично однесување од кој било член на националната влада, вклучително и самиот претседател“.

Вртоглав раст и пад во само неколку часа

Во моментот на лансирање, поголемиот дел од оваа криптовалута беше во сопственост на неколку дигитални паричници, а нејзината цена беше речиси нула. По објавата на претседателот, цената брзо се искачи на речиси 5 долари, но падна на неколку центи за помалку од три часа, според податоците од платформата за тргување со криптовалути.

Пабло Сабатела, експерт за безбедност во крипто секторот, изјави за Си-ен-ен дека Милеј споделил „паметен договор“ на блокчејн платформата Солана, која стана популарна меѓу инвеститорите кои инвестираат во екстремно нестабилни средства во последниве месеци.

„Првото нешто што забележав е дека веб-страницата е регистрирана во петок, што е типично за измами“, рече Сабатела. Тој исто така изјави дека токенот е креиран само неколку минути пред Милеј да ја објави својата порака.

Тој додаде дека забележал сметки кои се купени по екстремно ниски цени и за само два часа заработиле повеќе од 4 милиони долари, додека една од нив со продажба заработила дури 87 милиони долари.

Опозицијата бара импичмент на претседателот

Политичката опозиција во Аргентина остро го критикуваше претседателот, а коалицијата „Унија за татковината“ во саботата објави дека ќе поднесе барање за негов импичмент.

Блиските соработници на Милеј ја отфрлија можноста за импичмент, а конгресменот Диего Сантили таквите барања ги нарече обид да се „исфрли претседателот од власт“.

Министерката за безбедност, Патриша Булрич, излезе во одбрана на Милеј, велејќи:

„Претседателот има слобода на изразување да зборува за темите што ги сака, таа исто така го спореди неговиот пост на платформата X со посетата на претседателот на фабриката, велејќи дека „тоа не значи дека тој лобира за таа позиција“.

ИЗДВОЕНИ