Сивило, гаврани, намалена видливост, луѓе со маски на лицата, пусти улици… Сцените од улиците на Сараево рано утринава по малку наликуваат на сцени од некои хорор филмови, пишува Кликс.
За жал, додаваат тие, воздухот е многу позагаден отколку во Дака (Бангладеш), Делхи (Индија), Карачи и Лахоре (Пакистан), кои се синоним за лош квалитет на воздухот.
Концентрацијата на PM2,5 во 8 часот беше 61 пати повисока од годишната вредност на PM2,5 препорачана од Светската здравствена организација. Индексот на квалитетот на воздухот утринава изнесува 460, покажуваат податоците на IQAir.
Инаку, порталот потсетува дека швајцарската компанија IQAir објавува листи на најзагадени градови во светот и произведува и продава уреди за прочистување на воздухот. Затоа, постои основано сомневање дека компанијата би можела да има конфликт на интереси, односно дека во нејзин интерес би можело да ги прикаже ситуациите како полоши отколку што се навистина, за луѓето да мислат дека производите на IQAir се од суштинско значење за нивното здравје.
Сепак, и според локалните мерења, воздухот во Сараево е опасен.
Владата прогласи вонредна состојба
На второ место е Дака, главниот град на Бангладеш, со индекс на квалитетот на воздухот од 261, додека слични индекси имаат Калкута, Индија и Ханој, Виетнам.
Од градовите во регионот, Приштина е на 14. место со индекс 161, додека Скопје на 16. со индекс 155. Белград е на 44. со индекс 85, а Загреб на 58. со индекс 74.
Поради екстремно загадениот воздух, Владата на кантонот Сараево вчера прогласи вонредна состојба.
„Измерените просечни дневни вредности на штетните честички ПМ10 се највисоки во последните два месеци, а пет автоматски мерни станици покажаа просечни вредности над 200 μg/m³ за епизодата „вонредна состојба““, објави кантоналната влада, пренесува Anadolu.
Како времена мерка забрана за движење на автомобили и камиони со мотори ЕУРО3 и помали е воведена во зоната А која опфаќа четири градски општини. Кантонската влада, исто така, препорача на сите граѓани да го намалат престојот на отворено и физичката активност.
Загадувањето на воздухот во Сараево е се поголем проблем кој од година во година се влошува. Експертите предупредуваат на итна потреба од преземање за да се спречат последиците како „Големиот смог“ и да се зачува вентилацијата на градот, која е клучна за здравјето на населението.
Според податоците на Светска банка, загадениот воздух предизвикува околу 3.300 предвремени смртни случаи во Босна и Херцеговина годишно. Како решенија, експертите го посочуваат зачувувањето на вентилационите коридори, преминувањето на почисти извори на енергија и намалувањето на сообраќајниот метеж.