Драматично беше во големата судница на Кривичниот суд откако сведокот Гоце Трајковски, син на Кираца Трајковска, дојде да сведочи за грабнувањето на 14- годишната Вања Ѓорчевска и за случувањата поврзани со паралелната истрага, која ја воделе со таткото на несреќното девојче, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Судењето почна со еден час задоцнување, бидејќи немало затворски комбиња за транспорт на сите обвинети, ама и за сведокот Трајковски, кој беше донесен од истражниот затвор Скопје, бидејќи е осомничен за друго кривично дело, запалил кафулето во населбата Кисела Вода. Додека сведочеше, го обезбедуваа двајца полицајци, Гоце е 40-годишен и говореше со леснотија по прашањата од обвинителката. Неочекувано, веднаш по судската заклетва дека ќе ја зборува вистината, Трајковски напомена дека има закани од партијата на Палевски, Десна.
-Имама закани од овие психопативе овде. Пази што зборуваш, ќе завршиш во гроб, ми пишуваат на фејсбук-членови од нивната партија Десна. Јас не сум 14-годишно девојче или стар човек, па да ми се заканувате, им се обрати Трајковски на обвинетите. Обвинетите почнаа да реагираат, па судијата Ивица Стефановски ја смируваше ситуацијата.
Долго јавноста го чекаше сведочењето на Трајковски. Неговата истрага, според она што го зборуваше во судницата, ја довела полицијата до „ситроенот“ на исчезнатиот велешанец, партијата Десна и местото на свирепото убиство на Вања.
– Собрани беа кај Ѓорчевски 30 полицајци и како жмурка да играа ништо не преземаа, напишете баш така, рече сведокот и ѝ предложи на обвинителката да не прашува бидејќи тој може сам да си продолжи со зборување. Обвинителството, чиј сведок е Трајковски, неговите одговори се обидува да ги поврзе со сомневањата дека таткото Александар помогнал во киднапирањето на неговата ќерка.
Во ниту една од снимките кои ги набавил Гоце Трајковски, девојчето не било забележано, како некој да ја зел со хеликоптер, рече сведокот. Камерата од фризерницата, во близина на зградата на Вања, дала појдовна точка во потрагата на сведокот. -Од неколкуте автомобили кои се движеа по улицата пред зградата, стар „ситроен“ ми паѓа во очи. Возеше бавно, 10 километри на час, скоро стартуван, прозорците беа замаглени, напред седеше возачот сам, а одзади имаше некој, се сеќаваше Трајковски.
Во комуникација со пријател од секторот Безбеден град, дознал дека пензионерот Панче Жежовски од Велес е исчезнат со возило „ситроен“.- Го знам возилото, ајкула го викаат, нема многу такви по улиците, одговараше сведокот на прашањата од обвинителката. Регистарската табличка ја воочил на сликата од огласот за продажба на старото француско возило, кој Панче неодамна го објавил. Со помош од пријателот од Безбеден град, Трајковски сфаќа дека „ситроенот“ вози сомнително, како некој да му наредува на возачот, по булеварот „Партизанска“, кај местото каде што последен пат бил активен мобилниот на девојчето. Трајковски тврди дека таткото ги споделувал сознанијата и снимките со инспекторите. Преку метод на елиминација на возилата, Трајковски сфаќа дека цело време пред „ситроенот“ вози бел пик-ап, односно „рено кангуто“ во кое обвинителството тврди дека се вози Палевски.
Сведокот кој инаку е во кумашинска врска со Ѓорчевски, рече дека додека ја барале Вања од роднините разбрал дека Александар бил грижлив татко кој ја носел ќерката на лекар и за едно кивнување. По насоки на полицијата тој снимал во домот на Александар Ѓорчевски и ја известувал полицијата за неговото однесување. Од него, како што кажа било побарано да провери во станот на Ѓорчевски дали таму некаде, во плакарот, е сокриена Вања. Следното рочиште е закажано за една недела. (П.А.)