Ерлинг Халанд е меѓу најдобрите светски напаѓачи, но последниве недели добива жестока конкуренција во Виктор Џокереш и некако чудно звучи што Скандинавците се најдобри голгетери во Европа.
Џокереш експлодираше во дресот на Спортинг од Лисабон, игра навистина фантастично со 26 гола на 24 натпревари и има различни карактеристики од Халанд.
Одличните игри на Швеѓанецот не останаа незабележани од најтрофејните клубови во Европа, а тоа важи и за актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити, кој ќе се обиде да го ангажира за време на летниот преоден рок.
Од друга страна, Реал (М) е клуб кој долго време го следи Ерлинг Халанд и се обиде да го ангажира во 2022 година пред Норвежанецот да му се приклучи на Манчестер Сити.
Сега, според „Дифенс централ“, се зголемува можноста Халанд да го напушти Манчестер Сити следното лето, а Реал (М) внимателно ја следи ситуацијата околу норвешкиот репрезентативец.
Се верува дека Халанд има откупна клаузула во договорот која може да биде активирана од летото 2025 година, а „граѓаните“ веќе се подготвуваат за таков епилог.
Во последните недели неколку извештаи покажаа дека Гвардиола сериозно го следи Џокереш и планира да го доведе во текот на летниот преоден рок.
Ако Манчестер Сити на крајот го донесе Џокереш, тоа ќе биде затоа што тие се свесни дека Халанд може да си замине во одреден момент.
Се верува дека Халанд отсекогаш сонувал да игра во Шпанија, особено во Реал (М), а неговата менаџерка Рафаела Пимента претходно зборуваше за можен трансфер.
„Тука е Премиер лигата, а потоа е Реал (М). Секоја од опциите има нешто уникатно што ги прави да бидат сон за сите фудбалери. Реал ја има таа магија. Тие ја имаат Лигата на шампионите“, изјави Пимента.