Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со ЗЕЛС и со општините, а согласно со Акцискиот план за чист воздух за грејната сезона 2024/2025, иницираше координирана акција за собирање кабаст отпад и градежен шут, кои се препознаени како еден од изворите на загадување на воздухот, наречена „Сите заедно за почист воздух“.
Пилот-акцијата на МЖСПП се спроведува во текот на овој месец и ќе продолжи во март и во април, во осум града во државата, а кон неа се приклучија општините Битола, Куманово и скопските општини Гази Баба, Центар и Кисела Вода.
Во текот на овие три месеци, од 15. до 20. во месецот, граѓаните ќе можат бесплатно да ги фрлат кабастиот отпад и градежниот шут, а општинските претпријатија ќе ги соберат и дислоцираат на соодветно место.
Министерството за животна средина и просторно планирање ги охрабрува сите општини во државата да вклучат во координираната акција и ги охрабрува општествено одговорните компании во општините да им се приклучат на оние општини што не се во состојба самостојно да ја извршат оваа обврска.