Министерот за спорт, Борко Ристовски, и министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, присуствуваа на панел-дискусијата „Ракометот спорт број 1?“, во организација на специјализираниот портал за ракомет „саморакомет.мк“.

Стратегија, визија, инфраструктурни проекти и форми на финансирање на државата во спортот, поконкретно во ракометот, беа темите на кои министерот Ристовски и министерката Димитриевска-Кочоска ги изнесоа своите ставови и одговараа на прашањата од присутните во третиот дел од панел-дискусијата.

Како поранешен ракометен репрезентативец и актуелен министер за спорт, Ристовски потенцираше дека ракометот, според конкретните резултати, е позициониран како спорт број еден во државата и дека има таков статус и во стратегијата на Министерството за спорт.

  • Ракометот е спорт број еден во Македонија и тоа е дефинитивно така. Ние, во Министерството, донесовме одлука да го прогласиме ракометот за национален спорт број еден. Има забелешки од некои национални спортски федерации, но многу е лесно да одбраните нешто кога има резултати. Речиси сите репрезентации во сите возрасни категории во ракометот се пласирани на големите натпреварувања, што не е случај во другите спортови, и логично е најголем дел од средствата од државните субвенции во спортот да одат за ракометот – истакна Ристовски.

Тој посочи дека мора да има стратегија за развој на спортот и дека Министерството за спорт ќе ја гради во соработка со националните спортски федерации.

  • Такви чекори веќе се направени со Одбојкарската федерација на Македонија, таква стратегија ќе направиме и со Ракометната федерација на Македонија. Имавме одредени разговори и со Фудбалската федерација на Македонија, да направиме нешто слично, а ќе направиме и со Кошаркарската федерација за брзо време. Тоа е таа стратегија за која се залагаме заедно со министерката за финансии. Ние секогаш се бориме да влезат што повеќе средства во спортот. Но, сме против да се трошат државни пари без резултати и да се трошат пари, а спортот да нема никаков бенефит како што било досега. Бидејќи, освен ракометот, кој држи некој континуитет, спортот во изминативе години, генерално, ни оди во надолна линија и мора да се смени тоа. Ако продолжиме да финансираме како досега, и резултатите ќе бидат како досега. Ние сме подготвени да направиме промени, имаме поддршка од Владата за сè што треба да направиме. Тоа треба да го направиме плански, во соработка со националните спортски федерации – потенцираше министерот Ристовски.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочовска, нагласи дека спортот е една од сферите на кои оваа Влада ѝ посветува особено внимание и дека буџетот за спортот за 2025 е три пати поголем во однос на средствата што биле издвоени во 2019 година.

  • Министерот за спорт знае колку давам поддршка за спортот. Мене, уште пред да станам министерка, во континуитет ми беше важно државата да има квалитетно образование и да има добар спорт. Како резултат на тоа, буџетот за спортот годинава е двојно зголемен во однос на претходната година. Ако погледнете, на пример, во 2019 година, за спортот биле одвоени околу 280 милиони денари, сега, за 2025 година, имаме буџет од 1,1 милијарда денари. Тоа е повеќе од три пати зголемување на буџетот за спорт. Тоа покажува дека ние, како Влада, го поддржуваме спортот. Нормално, сето тоа треба да биде во насока да имаме резултати. Кога издвојуваме толку пари, треба да знаеме која е крајната цел, што сакаме да постигнеме. Изминатиов период, се појави незадоволство кај некои клубови. Затоа, како Министерство, размислуваме за некои реформи, но тоа ќе доведе до намалување на директните субвенции во клубовите што ги дава Министерството за спорт. Клучното прашање е што сакаме да постигнеме. Спортот треба да обезбеди фер однос кон сите. Особено ова се однесува на натпреварите во пионерските и во младинските категории. Треба да обезбедиме услови за секое дете да биде мотивирано и со услови за спортување. Спортот гради здрава нација. Во мене секогаш ќе имате сојузник кога станува збор за поддршката за спортот – рече, меѓу другото, министерката Гордана Димитриеска-Кочовска.

ИЗДВОЕНИ