Почнаа подготовките за новата сезона во алпско скијање, а во центарот на вниманието е најдобриот скијач, Марсел Хиршер, кој реши да се врати во спортот, но под знамето на друга земја.

Во новата сезона, тој нема да настапува за Австрија, туку под знамето на Холандија, со цел да ја зголеми популарноста на скијањето таму. Сепак, судејќи според подготовките, Хиршер не личи на себе.

Имено, на тренинзите во велеслалом, каде што беше ставен акцентот на брзината, скијачката од Нов Зеланд, Алис Робиснон, беше побрза од овој легендарен Австриец на секој од тренинзите.

Никој не очекува дека ќе се претстави Хиршер толку добро како во сезоните кога доминираше во Светскиот куп, но сигурно не очекува дека е далеку од оптималната форма.

Настаните на тренингот поставија многу прашања, од кои едно е дали навистина ќе се врати Хиршер на патеките и дали вреди да го направи тоа.

Австрискиот скијач даде одговор и истакна дека тренинзите се во тек и дека од ден на ден ќе биде сè подобар. Истакна и дека не е премногу загрижен за времињата поставени на тренинзите.

Сепак, една скијачка беше побрза на секоја тренинг-трка, и тоа отвори многу прашања.

Од тимот на Марсел изјавија дека Хиршер повеќе внимавал на опремата и на однесувањето на скиите на снегот отколку на техниката и на брзината.

Инаку, под прашалник е настапот на Хиршер во велеслаломот во Солден, на почетокот од сезоната на 27 октомври.

Исто така, Марсел Хиршер би можел да биде еден од скијачите што ќе добијат вајлд-карта пред стартната листа, што значи дека би стартувал со бројот „31“.

Доколку не добие вајлд-карта, тој би завршил на дното од листата, бидејќи нема ФИС-поени во последните сезони.

Сè на сè, ќе биде интересно враќањето на Хиршер, а колку може навистина по долгата пауза, ќе покаже уште на првите трки.

Имаше проблеми на тренинзите, но тренинзите се едно, а натпреварите се нешто сосема друго.