Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршено и здравствените власти се фокусираат на планирањето на следните чекори, како што е реконструктивната фаза, односно процесот на трансплантација соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Клековски рече дека на Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгореното ткиво од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, што ќе биде долготраен процес. Клековски рече дека на еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете.
-Веќе сме во контакт со Фондација од Холандија која има банка на кожни графтови за да донесеме кожни графотви во Македонија и да почнеме да ја размислуваме реконструктивната фаза. Такви зафати и во минатото се правени на Клиниката од каде ќе нè информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме. Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување. Веќе почнаа првите отписи од клиниките и можеме да ги планираме следните чекори кои можеби ќе траат една или две години. За да нема застој во здравствените услуги за останатите граѓани, во моментов сакаме повредните пациенти од клубот „Пулс“ да ги повлечеме во две болници, изјави Клековски.
Прашан дали се планира повторно да се отвори Центарот за изгореници во клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, што беше згаснат во 2016 година, рече дека ќе го направат тоа ако стручната фела каже дека има потреба.
– Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалист за тоа подрачје. Токму затоа многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште десетина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со „Пирогов“ во Софија или „Папаниколау“ во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно. Јас не сум надлежен да одговорам дали имаме доволно патологија, но ако стручната фела каже дека имаме потреба – тогаш да, но повторно ќе биде центар за изгореници со четири легла, изјави Клековски и додаде дека со несреќи како оваа никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојановски, информираше дека состојбата на повредените пациенти од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, сместени во ГОБ „8 Септември“ во Скопје е стабилна по однос на виталните параметри. Стојановски рече дека заедно со тимовите од специјализираните центри од странство се изведуваат операции за отстранување на изумреното ткиво, оштетено од изгорениците, и давање простор тие рани полека да почнат да зацелуваат.
Утрово хируршки биле третирани 15 пациенти, а директорот Стојаноски најави во текот на денот да се изврши таква интервенција кај уште тројца пациенти. Докторот рече дека интервенциите се прават како резултат на екстензитетот, односно големината на процентот на телото што е зафатено со изгореници, а не затоа што се во животозагрозувачка состојба.
-Она што радува е што сегашните трансфери кои ги правиме во странство не се во насока на пациенти кои се критични и интубирани, туку сега правиме тријажа на пациенти спрема степенот и опсегот на изгореници. Оние кои имаат најголем процент и највисок степен на изгореници да се префрлат во референтни центри кои се строго специјализирани за третман на ваков вид повреди, рече Стојаноски.
Докторот рече и дека неколку тимови на странски лекари доаѓаат во земјава од центри кои се строго специјализирани токму за ваков тип на повреди, како доктори од Воено-медицинската академија ВМА Белград, од болницата „Шеба“ во Израел, како и од Чешка, веќе работат во Болницата „ГОБ“ на санирање на повредите на оние пациенти кои не се критични и веќе ги подготвуваат за следната фаза, реконструктивна хирургија.
-Тоа се операции што подразбираат отстранување на она изумрено ткиво, оштетено ткиво од изгорениците и давање простор тие повреди, тие рани да почнат да зацелуваат. Овие неколку денови не само што се следеше потенцијалното влошување на состојбата, туку мораше паралелно да се санираат и повредите, рече директорот на „8 Септември“.
Претходно, министерот за здравство Арбен Таравари информираше за последниот транспорт на пациенти кои ќе се лекуваат во странство, од трагедијата во Кочани. Стануваше збор транспорт на двајца пациенти за Шведска претпладнево и уште тројца пациенти попладне. Таравари најави дека може да се очекува во текот на следните денови и враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата. Министерот рече дека добрата вест е што поминаа 72 часа и нема починати и сите пациенти се во стабилна состојба.
Министерот информира дека по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа најмалку 59 лица, во моментов вкупно се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи од кои 64 се во државните болници во Македонија и 13 се во приватните болници. Надвор од државата се третираат 101 пациент. (В.С.Н.)