По информацијата дека 2.600 примероци на Правописот на македонскиот јазик седум години чмаеле во депото на НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, без да бидат дистрибуирани до корисниците, иако се работи за законска обврска, вчера директорот на НУБ, Јовица Никчевски, кој ден претходно го откри случајот пред јавноста, се сретна со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, со кој е договорено книгите да се дистрибуираат во сите училишта низ Македонија.

„Разговаравме за спроведување на заедничка акција за дистрибуирање на Правописот на македонскиот јазик во сите училишта. Се работи за 2600 примероци од второто издание на Правописот на македонскиот јазик, откриени при вршење на попис на капиталните проекти кои се наоѓаат во библиотеката и кои, од засега непознати причини цели седум години се чувале во депо во несоодветни услови. По извршен увид во архивата и документацијата на Библиотеката, утврдено е дека во 2018 година НУБ „Св. Климент Охридски“ аплицирала и добила проект од областа на заштитата на културното наследство (библиотечна дејност) од национален интерес од Министерството за култура за Правописот на македонскиот јазик. Вкупно 2600 примероци требало да стигнат до сите јавни установи и институции во Република Македонија, како и до лекторатите и библиотеките надвор од државава, што очигледно не се случило“, посочи вчера и Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ова значајно издание повеќе нема да скапува во магацинските простории и ќе се дистрибуира таму каде што е најпотребно!

„НУБ ќе достави 1000 примероци на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), кои ќе бидат распределени во сите основни училишта во Македонија, а ќе бидат опфатени и сите 950 на централните и подрачните училишта. Македонскиот јазик е нашето непроценливо богатство, темелот на нашиот идентитет и мораме да го сочуваме како нешто најсвето! Ова значајно издание на македонскиот Правопис наскоро ќе биде достапно за нашите најмлади, бидејќи тие се оние преку кои нашиот јазик, нашето најголемо културно и духовно наследство ќе живее“, додаде Ѓорѓиевски, кој му се заблагодари на директорот Јовица Никчевски, за неговата посветеност и грижа за зачувувањето на делата кои се од непроценлива вредност за нашата држава.

Директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“, Јовица Никчевски, пак, посочи дека Правописот експресно ќе стигне секаде каде што е потребен, „систематски и согласно утврдена динамика“.

ИЗДВОЕНИ