Покрај делата на студентите и учениците ќе биде изложена и една слика, автопортрет со птица, на Родољуб Анастасов, како и уште две негови дела кои што се од 1958 и 1959 година насликани на југословенско знаме

Значаен јубилеј – 90. роденден на доајенот на македонското сликарство и  професор од првата генерација професори на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ, Скопје, Родољуб Анастасов, ќе биде одбележан на 25 февруари (20 часот) во Музејот на Град Скопје. Здружението „Архифакт“ – Скопје, во негова чест организира  изложба насловена „Сите деца на Родољуб Анастасов“, на која ќе бидат претставени дела на 43 уметници, негови студенти и ученици. Авторите на изложбата, Јасминка Намичева и Екатерина Намичева-Тодоровска, ги поканија сите студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000) да се приклучат со свое дело на овој јубилеен настан.

Со големо задоволство и извонредни сеќавања за педагошката работа на Анастасов, на изложбата учествуваат со свое дело реномираните уметници: Новица Трајковски, Катерина Апостолска де Сиро, Славчо Соколовски, Бојана Артиновска, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Константин Качев, Симонида Филипова Китановска, Жанета Вангели, Ѓорѓи Томовски, Миро Масин,Станислава Шаровиќ,Страхил Петровски, Ванчо Јаков, Малка Конеска, Борис Шемов, Елизабета Наумческа, Адем Сулејмановски, Новица Арсовски, Димитар Младеновски, Јован Балов, Ристо Мијаковски, Јулијана Гешоска, Светлана Коруновска-Аџигогова, Виолета Сиљан, Владо Мукоски, Соња Куновска, Марија Величковска, Милош Милосављевиќ, Александар Спасовски, Весна Ничевска, Перица Георгиев-Пепси, Јана Куновска, Трајче Чатмов, Гордана Вренцоска, Александар Иванов, Наташа Андонова, Влатко Костовски, Слободан Биневски, Филип Блажевски, Тања Таневска, Горјан Ѓорѓиев и Лиле Јовановска.

„Сите овие уметници пред јавноста ќе се претстават со по едно дело. Интересно е што сите се одѕваа на повикот за учество на оваа изложба. Дури се јавија и оние кои работат надвор од границите на државата, па добивме дела и од Австралија, Америка, од Швајцарија, добивме дело и од уметник од Минхен и Софија… Таа нишка што Анастасов ја создал со своите ученици сега се покажува како топол, човечки момент. Инаку, покрај делата на студентите и учениците изложуваме и една негова слика, автопортрет со птица, како и уште две негови дела кои се од 1958 и 1959 година. Тоа се всушност неговите студентски дела и досега не биле изложувани. Бидејќи биле насликани на југословенско знаме и многу оштетени, тие се конзервирани“, вели една од авторките на изложбата Јасмина Намичева.

Како што се вели во најавата на изложбата Анастасов, покрај тоа што подари на својата Македонија без малку 500 дела од целокупниот свој бесценет сликарски опус, што е одраз на неговото големо родољубие, сепак, тоа што е уште поголемо родољубие и тоа што самиот Анастасов го смета за свој најголем придонес кон општеството е што тој со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, затскриен зад навидум намќорестата молчалива физиономија, но, исполнет со бескрајна љубов и грижа за „другиот“, успеа да си обезбеди трајно место во срцата на своите ученици  и студенти од Училиштето за применета уметност (1968 год.) и Факултетот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје (1980-2000 год.), каде што предавал цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии. Резултатот од  многуслојната мисија на Анастасов низ образовниот процес на неговите студенти е денеска видлив  токму на оваа изложба на која се претставени делата на 42 уметници“, посочуваат организаторите.

Изложбата ќе биде отворена за посета до 18 март. (Д.Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ