EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

Италијанскиот тенисер Јаник Синер ќе биде прв носител и воедно фаворит за освојување на Вимблдон, но како што вели, доколку игра Новак Ѓоковиќ во Лондон, се ќе биде поинаку.

  • Не сакам да кажам дали сум фаворит или не. Ако игра Новак Ѓоковиќ, ако е добар, тој е главен фаворит, изјави Синер во интервју за римска „Република“.

Но, според него, има уште неколку претенденти за трофејот во Лондон.

  • Карлос Алкарас лани ја освои титулата, Александар Зверев игра многу добро во последно време, се надевам дека ќе биде исклучително интересен турнир, додаде Италијанецот.

Синер пристигна во Лондон со титула од Хале, прва на трева во кариерата.

  • Сега знам дека треба да бидам малку поагресивен, подобро се движам, објаснува Синер што му донесе трофејот во Германија, па додаде:
  • Ќе биде многу тешко, но и забавно. Минатата година на Вимблдон играв добро и стигнав до полуфиналето. Ќе видиме што ќе направам оваа година. Се надевам на добри подготовки пред турнирот. Сите ние сме одлични тенисери, но изненадувањата се секогаш можни, смета младиот тенисер.

Синер за прв пат ќе игра на Грен слем како прв носител.

  • Ќе донесе дополнителен притисок, сите ќе сакаат да ме победат, бидејќи ќе играат против број 1. Сепак, кога ќе стапнам на теренот, нема да размислувам за тоа. Само играњето и победата ќе ми бидат на ум, заврши Италијанецот.