Повисок минималец ќе има со мартовската плата, а за колку, ќе се знае наскоро. Синдикатите бараат 30.000 денари, работодавачите сметаат дека тоа е превисока сума со оглед дека не е зголемена продуктивноста на фирмите, а пак, власта вети дека ќе прифати што ќе се договорат двете страни.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска останува на ставот дека Владата ќе прифати онолкава минимална плата во државава колкава што ќе договорат работодавачите и работниците

 

Повисок минималец ќе има со мартовската плата, а за колку ќе се знае наскоро. Синдикатите бараат 30.000 денари, работодавачите сметаат дека тоа е превисока сума со оглед дека не е зголемена продуктивноста на фирмите, а пак, власта вети дека ќе прифати што ќе се договорат двете страни.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска останува на ставот дека Владата ќе прифати онолкава минимална плата во државава колкава што ќе договорат работодавачите и работниците.

– Не знам зошто има коментари дека сме биле во судир со синдикатите во однос на минималната плата. Бев многу јасна и кажав – ќе се договорат работодавачите и работниците колку едните можат да испорачаат, а колку другите можат да платат, а за нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат. Имаат дијалог меѓу себе и што ќе прифатат таму, ние сме должни да го обезбедиме, а особено како Министерство за финансии. Не би дискутирала понатаму, да оставиме на дијалогот помеѓу двете страни. Што ќе договорат, како министер за финансии ќе го почитувам – потенцира Димитриеска-Кочоска.

Движење ЗНАМ истакнуваат дека засега немаат формулирано конкретен став за минималната плата, поради тоа што темата е релативно нова. Пратеникот Миле Цеков изјави дека партијата активно работи и се грижи за правата на работниците, но и дека има постојана координација со синдикатите.

– Ние сè уште немаме изградено став за минималната плата бидејќи тоа се случи скоро, пред 10 минути СДСМ поднесе закон во собранието. Секако Движење ЗНАМ работи и се грижи за работниците и ние сме во секојдневна координација со синдикатите, покрај тоа што СДСМ денес објави законски измени, ние ќе ја дебатираме таа тема и ќе излеземе со наши заклучоци – изјави Цеков.

Оваа изјава доаѓа кога СДСМ објави законски измени поврзани со минималната плата во Собранието. Цеков Најави дека ЗНАМ ќе ја разгледа состојбата и наредниот период и ќе излезе со свои заклучоци.

Пратеничката на СДСМ и екс-директорка на УЈП, Сања Лукаревска, рече дека доколку власта не обезбеди пари за зголемување на платите на работниците, СДСМ ќе поднесе закон за зголемување на минималната плата

– Последната изјава дека нема пари за поголеми плати за работниците, дека нема пари за поголема минимална плата, уште еднаш покажува отсутност од реалноста. Тоа значи дека стандардот на граѓаните ќе продолжи да се намалува, граѓаните ќе имаат сè помалку пари и нема да можат месецот да го поминат со високите сметки и цени на храна. Парите од буџетот мора да бидат наменети и за граѓаните. Бараме од власта и владејачкото мнозинство да обезбеди пари за покачување на минималната плата. Тоа е работа на Владата, да најдат пари за поголеми плати за работниците и да им помогне. Работниците заслужуваат достоинствен живот, а не беда и понижување – истакна таа.

ССМ треба да биде коректив и на власта и на опозицијата

За барањето за 500 евра минимална плата, првиот синдикалец Слободан Трендафилов беше обвинет дека е портпарол на ВМРО, додека СДСМ пак го нарече дека е портпарол на СДСМ. Тој пак, одговори дека нивната перцепција секогаш зависи од позицијата во која се наоѓаат, односно дали се на власт или се во опозиција.

– ССМ работи за работниците, а ВМРО и СДСМ можат слободно да се обвинуваат меѓусебно, имајќи предвид дека и едните и другите кога беа на власт беа и се против работниците. Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба – истакна Трендафилов.

Во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека ССМ е портпарол на СДСМ, Лукаревска нагласи дека недозволиво е како политички партии да го стават Синдикатот во каков било контекст за некаква припадност.

– ССМ треба да биде коректив и на власта и на опозицијата и транспарентно и јасно да ги каже своите барања. Кога Владата на СДСМ ја менаџираше и кризата секој пат на Економско-социјалниот совет беше поканет и ССМ и таму имаше редовни состаноци. Недозволиво е како политички партии да го ставиме ССМ во било каков контекст за некаква припадност, односно приближување на ставови со една или со друга политичка партија. Сепак Синдикатот е оној што треба да ги штити работничките права. Така е во светот, во Европа, така треба да биде и кај нас – рече пратеничката на СДСМ.

Во однос на законските измени во однос на минималната плата од СДСМ, пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, потенцира дека тие сè уште немаат изградено став, нагласувајќи дека Движењето ЗНАМ работи и се грижи за работниците. Потенцира дека се и во секојдневна координација со синдикатите.

(С.Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ