Вредноста на минималната синдикална кошничка за март 2024 изнесува 58.998 денари и е зголемена за 1.522 денари во однос на февруари, кога изнесуваше 57.476 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за март, синдикалната минимална кошничка изнесува 74.373 денари.
Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија, вредноста на кошничката е во постојат пораст од почетокот на годинава, а поконкретно, за овој месец зголемувањето е најизразено во делот со храната и со пијалаците. Трошоците на едно семејство за храна и за пијалаци овој месец изнесуваат 22.681 денари и се повисоки за 1.462 денари споредено со февруари, кога изнесуваа 21.219 денари. Или, пак, за четири месеци – од декември лани до март 2024 година – трошоците само за храна и за пијалаци се зголемени за 1.951 денари, односно за 9,41 %.
– Зголемувањето е најизразено кај делот со храната и со пијалаците, што е резултат на тоа што трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано, само во интерес на зголемување на својот профит, енормно ги зголемија цените на прехранбените производи. Тоа резултира со нефер практики на трговците и доведува до осиромашување на работниците и на граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени – објаснуваат од ССМ.
Растот на цените придонесува да се загуби куповната моќ на работниците и на граѓаните и од ССМ велат дека новото зголемување на минимална плата од март, која според пресметките ќе изнесува околу 22.567 денари, нема да има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните.
– ССМ предлагаше продолжување на мерката за ограничување на цените во насока на заштита на животниот стандард на работниците и на граѓаните, особено поради тоа што знаевме дека алчноста и профитот на газдите ќе бидат причина за неосновано зголемување на цените на штета на работниците и на граѓаните, а тоа е нешто што не смее да се дозволи – потенцираат од Синдикатот.
Сметаат дека работниците и граѓаните треба да го искажат своето незадоволство на првомајскиот синдикален протест.
– Моментот кога треба да бидат гласни е сега. Ги повикуваме да не планираат да заминат на туристички аранжмани за Први мај, туку да дојдат на протести, заедно со ССМ – велат од Синдикатот.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, по неодамнешното донесување на Законот за нефер трговски практики, кажа дека трговците не смеат да ги продаваат своите производи доколку маржата е повисока од 10 отсто. За да се амортизира ударот кон домаќинствата од растот на цените, тој подготви детален список со 2.500 земјоделски и прехранбени производи што ќе имаат ограничена маржа.
Списокот веќе е испратен на разгледување до бизнис-заедниците. Како што вели Бектеши, тие треба го кажат своето мислење и да дадат свои сугестии за тоа кои производи треба да се најадат дополнително на овој список. Министерот најави и построги мерки доколку се случи, и покрај договорот, драстично да се зголемат цените.
(С.Бл.)