Симона Ѓорчева, музички менаџер, и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и на драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.
Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека, заедно со селекторите, ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа, а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него, нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето една нова, модерна и креативна културна вредност, како дел од вековната традиција на фестивалот.
„Со професионалноста и умешноста на новите селектори, ќе внесеме свежина во програмата и убеден сум дека стручната критика и нашата верна публика ќе го препознаат тоа“, вели директорот Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и на меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
Магистер Симона Ѓорчева е управен директор на Камерниот оркестар во Келн, Германија, со големо искуство во делот на организацијата на концерти и концертни турнеи. Претходно работела како проектен менаџер на „Шуманфест“ во Диселдорф, каде што остварила бројни контакти со врвни уметници ширум светот. Таа, исто така, била и генерален директор на меѓународниот натпревар „Роберт Шуман“ за млади пијанисти до 20 години во Диселдорф, како и координатор во Центарот за високо талентирани музичари „Шуман Јуниор“.
Во својата кариера, м-р Ненад Витанов има режирано над 20 театарски претстави во повеќе театри, а неговите претстави се селектирани на повеќе театарски фестивали и имаат добивано награди. Вработен е во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. Бил програмски директор на ФАД „Стоби“, организатор на „Рацинови средби“, директор на театарскиот фестивал 5РЕ, како и дел од жирито за доделување на наградата „Петре Прличко“.
Годинава, од 12 јули до 20 август, ќе се одржи 65. фестивалско издание на „Охридско лето“.