Пијаното „Фојрих“ на мегаконцертот, во траење од два ипол часа, всушност беше промовирано од алумните на ФМУ, маестро Симон Трпчески заедно со професорите од ФМУ, Елена Атанасовска-Ивановска, Горан Начевски, Влатко Нушев, Иван Наумовски, членовите на ансамблот „Македонисимо“ како и други истакнати музички уметници. На програмата беа дела од класичната литература, но и од македонски композитори. Магијата која ја создаде Трпчески беше поздравена со стоечки овации од преполната сала во НОБ

Со концерт на повеќе македонски музички уметници, меѓу кои и нашиот светски реномиран пијанист Симон Трпчески, синоќа во големата сала на Националната опера и балет, Факултетот за музичка уметност го промовираше пијаното од марката „Фојрих“ (Feurich) кое го донираа Австриската амбасада во Скопје, амбасадорот Мартин Памер и бизнисменот Кочо Анѓушев.

Пијаното на мега концертот во траење од два и пол часа всушност беше промовирано од алумните на ФМУ, маестро Симон Трпчески заедно со професорите од ФМУ, Елена Атанасовска – Ивановска, Горан Начевски, Влатко Нушев, Иван Наумовски, членовите на ансамблот „Македонисимо“ како и други истакнати музички уметници. На програмата беа дела од класичната литература, но и од македонски композитори. Магијата што ја создаде Трпчески беше поздравена со стоечки овации од преполната сала во НОБ. На настанот присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и повеќе личности од културниот и политичкиот живот на нашата земја.

-Донација е од исклучителна важност со оглед на фактот дека на ФМУ повеќе децении нема ново концертно пијано. Ова од една страна ќе ги подобри условите за работа, а од друга страна треба да биде пример за останатите компании и поединци да ја продолжат оваа активност која значи унапредување на културата. Факултетот за музичка уметност е расадник на кадри што ги екипира најзначајните носители на музичката култура во земјата како Македонската филхармонија, Националната опера и балет, Националниот џез-оркестар итн. Подобрувањето на условите за студирање едновремено значи и продукција на квалитетен кадар од сите музички профили, посочи професорката од ФМУ, Соња Здравкова-Џепароска, продекан за наставна и научна дејност.

За деканката на ФМУ, проф. м-р Дарија Андовска, пак, иако многу работи се чинат невозможни, сепак сè станува возможно ако добри луѓе се вклучат во приказната.

Таа во нејзината ФБ објава пред концертот напиша:  „Многу работи се чинат невозможни, а еве денес броиме ситно до еден голем концерт за промоција на широкограда донација за Факултет за музичка уметност – Скопје – концертно пијано ‘Feurich’. Сè станува возможно, ако се вклучат добри луѓе во приказната. Тогаш таа станува бајка. Како и секоја бајка, оваа нашата има магични моменти: Запознавањето со Н.Е. Мартин Памер, на пример. Тој, како човек кој свирел виолина, беше одушевен што една мала Македонија има музички „центар” во срцето на главниот град, кој ги опфаќа македонската Опера и балет, Македонската филхармонија, Националниот џез-оркестар, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и ФМУ – Скопје.“

Деканката на ФМУ во објавата посочува и дека амбасадорот Памер, ја сфатил важноста на ФМУ – јадрото од кое се полнат колективите на сите наведени институции, но и на сите образовни институции од сите нивоа, еден од стожерите на македонската култура, врутокот од кој излегле великаните на македонската музика, како еден Симон Трпчески, Ана и Игор Дурловски, Панде Шахов и бројни други големи уметници.

„Австрискиот амбасадор реши да помогне да се подобрат условите за нашите студенти и да обезбеди ново концертно пијано“, додава Андовска во објавата заблагодарувајќи се и на НОБ и директорот Оливер Арсовски, како и на Кочо Анѓушев. (Н.И.Т.)

Фото: ФБ

ИЗДВОЕНИ