Силниот земјотрес во Хрватска за 12 центиметри ја помести историската камбанарија во Паг

332

Додека сите очи се вперени кон грчкиот „Инстаграм“ остров Санторини, кој последнава недела го погодија околу 10.000 последователни земјотреси, во вторникот вечерта силен потрес се почувствува и на другиот крај на Балканот, во Хрватска, поточно Далмација.

Улица во Паг вчера беше затворена откако земјотресот со јачина од 4,8 степени, според Рихтеровата скала, што го погоди поширокото подрачје на Задар, за 12 центиметри  ја измести историската камбанарија стара 800 години. Во текот на вчерашниот ден се изведуваше акција за отстранување на ѕвоното тешко двесте килограми. Надлежните велат дека откажала структурата и нешто пукнало, поради што ѕвоното се навалило.

-Самата камбанарија не претрпе некои поголеми оштетувања, кога ќе го тргнеме  ѕвоното превентивно ќе го обезбедиме местото поради можни временски проблеми кои се најавени, изјави за „24сата“, Карло Букша, командант на Паг ЈВП.

„За среќа, бележиме помали последици од потресот во Далмација. Малку се помести камбанаријата во градот Паг, па потребна е внимателност. Тој дел од улицата е ограден поради безбедност“, се огласи на Фејсбук, префектот на Задарската жупанија Божидар Лонгин.

Надлежните информираа дека ова е и единствената штета на островот Паг. Според досегашните информации нема пријавени повредени или значителна материјална штета, потврди Управата за цивилна заштита на Хрватска.

Сеизмографите на Сеизмолошката служба на Република Хрватска го регистрираа земјотресот во вторникот попладнето во 18 часот и 43 минути со епицентар на 15 километри североисточно од Пакленица. Интензитетот на земјотресот во епицентарот бил 6 степени според ЕМС скалата, а земјотресот бил почувствуван во поширокото подрачје на Далмација, Лика, па дури и во делови од Босна и Херцеговина и Италија. Според информациите на директорот на Националниот парк Пакленица, епицентарот на земјотресот бил високо над планинарскиот дом Пакленица, на надморска височина од 1.600 метри.

Продолжи да тресе и на грчкото приморје. Областа меѓу Аморгос и Санторини, ноќеска беше погодена од пет земјотреси, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина. Најсилниот земјотрес со јачина од пет степени, според Рихтеровата скала, се случи изутринава во 3 часот и 14 минути, 24 километри југоисточно од Аморгос, пишува „Катимерини“. Потоа следеа уште четири помали земјотреси со јачина од 4, 4,6, 4 и 4,1 степени, кои беа регистрирани во периодот од 3:35 до 4:23 часот. Во 6:21 часот е регистриран уште еден земјотрес со јачина од 4,1 степени, 230 километри југоисточно од Атина.

Земјотресите на Санторни и Аморгод не се смируаат веќе втора недела, но од ден во ден се се појаки и позачестени. Сега достигнаа 5,3 степени по Рихтеровата скала, што се најјаките потреси досега. Исчезна оптимизмот со кој сеизмолозите гледаа на развојот на ситуацијата и сега признаваат дека повеќе не се сигурни дека тоа е крај на агонијата на населението, туку дека станува збор за најсилниот земјотрес што се очекуваше со денови, пренесува „Политика“.

Во последните 48 часа земјотресите беа со јачина од близу 4,9 степени според Рихтер и експертите не знааат како ќе се одвиваат работите во следните денови. Претпазливи се во своите процени, бидејќи оваа серија потреси со голема јачина е нешто со кое досега не го сретнале во својата пракса.

Жителите, барем оние кои не замина, веќе со денови живеат во страв. На голем дел од нив им студи, зашто со денови дува урагански ветер, а тие спијат во автомобили.

Сеизмолозите тврдат дека земјотресите немаат никаква врска со вулканските потреси и сметаат дека силните земјотреси ќе продолжат уште неколку недели.

Досега Санторини го напуштија повеќе од 12.000 луѓе.

ИЗДВОЕНИ