Силни, но задоцнети критики од уставните судиите за измените во ЗКП

472

Уставните судии поведоа постапка за оценување на уставноста и законитоста на измените во Законот за кривична постапка со кои според проценките во јавноста од кривичен прогон се спасија околу 800 јавни функционери. Меѓу нив поранешни и актуелни носители на јавна функција, дел обвинети за злоупотреби на должноста од поранешното СЈО.  Ана Павловска-Данева, Осман Кадриу, Јадранка Дабовиќ, Фатмир Скендер и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кажаа дека измените на Кривичниот законик со кои преку ноќ се запреа кривичните гонења за корупција, направија несогледливи последици на нашиот правен поредок и упад во судскиот систем. Уставната судијка Елизабета Дуковска како судија-известител за измените на Кривичниот законик, смета дека Уставниот суд не е надлежен да решава за уставноста на овие измени со кои се амнестираа корумпирани функционери, обвинети од поранешното Специјално јавно обвинителство

Уставните судии на денешната седница расправаа по иницијативата на поранешниот пратеник Павле Трајанов за уставноста на измените во Кривичниот законик од 2023 година и одлучија да поведат постапка. Следно во постапувањето е укинување или поништување на оспорениот дел од законот, доколку Собранието не интервенира во предвидениот рок. Ако се поништат измените на КЗ, тогаш се враќаат сите обвиненија и судењата продолжуваат таму кај што застанале.

Иако иницијативата Трајанов ја поднел веднаш по стапувањето на законот во сила, сепак таа се најде на дневен ред по две години.  Предметот го работела судијата известител, Елизабета Дуковска, која беше единствена дека наводите на подносителот се неосновани и му предложи судот да ја отфрли иницијативата. Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, рече дека законот во целина е толку штетен што има направено непоправлива штета во правниот поредок и упад во судскиот систем.

-Каква и да е нашата одлука, се сомневам дека штетите можат да се поправат. Собранието го повреди политичкиот плурализам. Овој закон не е ништо друго освен покажување на моќ, ароганција. Работата на пратениците е да ги застапуваат интересите на граѓаните, кои во овој случај не се еднакви. Измените имале некаква цел, но тоа не е таа што ја бараат граѓаните, рече Костадиновски.

Мнозинството од судиите сметаат дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен, но судијката известител Дуковска тврди дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието. Судијката Ана Павловска-Данева смета дека се работи за исклучиво контроверзен и лош закон за владеењето на правото и од секаков аспект, неуставен.

„Треба да се поведе постапка. Различните термини за стапување во сила се недозволиви. Во тие измени, на истиот КЗ, казните за екологијата стапуваат со одложено дејство, за 6 месеци, а тие за ослободување на обвинетите функционери, веднаш. Тоа ги става граѓаните во нееднаква положба. Натаму, постапката била неуставна. Европското знаменце било залепено за една одредба, за загадувањето, а било искористено од Собранието и за спасувањето на обвинетите функционери за корупција”, кажа судијката Павловска-Данева.

Судијата Осман Кадриу, исто така, истакна дека постои сериозна повреда на уставноста.

Со измените, на сторителите на овие кривични дела е дадена скриена амнестија. Тогаш се поставува прашањето, ако овие сторители кои се носители на јавните функции ги помилуваме, како тогаш треба даде постави спрема другите осудени лица и за обични кривични дела, рече Кадриу и дополни дека со донесување на измените на КЗ, и така утврдената казнена политика за кривични дела сторени од носители на јавни функции се поткопуваат правните темели на уставниот поредок на земјата до степен на негово распаѓање.

Во правниот систем на земјата е извршена правна анархија, заробено е правото, правото е во правна криза. Во прашање е правна хаварија, овој закон вака како што е донесен и со овие катастрофални последици е антитеза и спротивен со мерките што ги презема државата за борбата против криминалот и корупцијата, дополни Кадриу.

Судијката Јадранка Дабиќ Анастасовска ја поддржа аргументацијата на Кадриу, нагласувајќи дека измените ги поткопуваат правните темели на уставниот поредок на земјата. Судијата Добрила Кацарска потсети на нејзината изјава кога беа донесени измените дека како граѓанин, воопшто не се согласува со вакви измени. Според неа, постоел некаков договор помеѓу пратениците. Но, како што посочи, не смета дека Уставниот суд е оној кој треба да каже какви треба да бидат казните.

-Како судија на Уставен суд сметам дека не сум јас таа што треба да каже какви треба да бидат казните, дали Собранието ќе ги зголеми или ќе ги намали. Како е донесен овој закон, дали со европско знаменце, не е надлежност на Уставниот суд, за жал, рече таа.

Во однос на наводите дека е направена ненадоместлива штета, посочи дека вината не треба да ја бараме кај пратениците, туку, како што рече, вината е кај судиите кои дозволуваа постапките да траат пет-шест години.

Судија Татјана Васиќ Бозаџиева посочи дека измените на КЗ поттикнаа сомнеж и се создаде впечаток дека има селективна правда.

-Самата постапка која исклучува експертска јавност отворија сомнеж во намерите на законодавецот зошто без да отвори широка дискусија тој измените ги донесе во многу кратка процедура со исклучување на експертската јавност. Доколку одлучиме да се поништи, треба да размислуваме и во која насока, рече таа.

Судија Насер Ајдари посочи дека и според него, законот е штетен и донесен е во постапка која не доликува, но, дополни дека не е во нивната надлежност да го оценуваат начинот на донесување.

-Судската пракса во тој дел вели дека не е во наш домен да го оценуваме начинот на донесувањето на законите, рече тој.

На 6 септември 2023 година, Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа реакции во јавноста, правната фела и Европската комисија. Измените ги намалија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, што предизвика негативни реакции. Власта ги правдаше измените со усогласување со директивите на ЕУ, додека опозицијата ги сметаше за обид за амнестија на функционерите.

Во меѓувреме, Министерството за правда работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права.

 

ИЗДВОЕНИ