Одребите од Законот за заштита на деца кои се однесуваат на воведувањето на двојазичните лиценци се спорни и истите треба да се пресипитаат низ призма на амандамнот 5 од Уставот и актуелната регулатива за употреба на јазиците.
Ова го наведува претседателката Сиљановска Давкова во образложението напишано на две страни за одлуката да не го потпише указот за законот, до кое дојде Канал 5. Во него Сиљановска упатува на преиспитување на спорните одреби од членовите 9 и 10 од законот во кои се наведува дека лиценците за работа се издаваат на македонски и на јазикот кои го говораат 20 проценти од граѓаните на државата, како и на ставот кој се однесува на полагањето на првиот дел од испитот електронски наместо во хартиена форма на македонски јазик и на јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните – односно албански.
– Потсетувам дека начинот на употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон. Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите и ќе креира јасни, прецизни и недосмислени решенија во согласност со Уставот, наведува претседателката во образложението доставено до Парламентот.
Неставањето потпис на указот од страна на претседателката Сиљановска го поздравија од СДСМ од каде побараа Власта целосно да се откаже од измените на Законот за заштита на деца поради спорните одредби. Опозицијата во повеќе наврати реагираше токму за одредбите кои во образложенеито ги спори и Сиљановска посочувајќи дека со нив се крши унитарноста на државата и дека истите се воведуваат врз основа на неуставен Закон за двојазичност. Според СДСМ спорна е и процедурата при донесувањето на законските измени. Обвинуваат за прекршување на Деловникот од страна на собранискиот спикер поради тоа што наместо во надлежната собраниска Комисија за социјална политика, измените биле протуркани преку Комисијата за енергетика.
Од Владата за Канал 5 најавија дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен и дека истиот повторно ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури, но немаат коментар за одлуката на Сиљановска да стави вето – прв пат по нејзиното доаѓање на функцијата.