Зошто Гордана Силјановска-Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата до ДИК не ги поднела собраните 10.000 граѓански потписи? Прашањето го отвори актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е главен противкандидат на Силјановска во трката за шеф на државата, кој објави дека таа е единствениот претседателски кандидат кој до Државната изборна комисија со својата кандидатура достави потписи од 30 пратеници, но не и 10.000 граѓански потписи, како што беше најавено.
-Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии, а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број на потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски, се вели во соопштението од кабинетот на актуелниот претседател Пендаровски. Оттаму, им порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ дека тоа што Силјановска доставила само пратеничките потписи е потврда дека таа не е натпартиски кандидат како што се претставува во јавноста. Велат и дека илјадници граѓани со часови чекале да се потпишат, но дека нивните потписи наместо за поддршка на кандидатурата, отишле во ѓубре.
Од ВМРО-ДПМНЕ експресно возвратија дека Пендаровски пласира невистини и озборува.
-Свесни сме за интенцијата на Пендаровски и СДС да продолжат со креирање на теми кои се надвор од реалноста и ова е уште доказ за нивната единствена желба да го затскријат својот неуспех и пораз кои ги очекува, велат од ВМРО-ДПМНЕ. – Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска-Давкова имаше историски најголем одѕив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е она што е најголема болка за Пендаровски и СДС. Му препорачуваме на Пендаровски барем во неговите последни денови од мандатот да ја напушти неговата најсилна карактеристика – озборување и пласирање на невистини во јавноста, велат од ВМРО –ДПМНЕ.
Инаку, според ДИК, нема ништо спорно што не се доставени потписи од граѓани.
Кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се единствените кои не мораа да собираат потписи од граѓани бидејќи само овие два партии имаат повеќе од 30 пратеници. Останатите кандидати мораа да соберат најмалку 10 илјади потписи од граѓани за да учествуваат во трката за шеф на државата. Но сепак и Пендаровски и Силјановска излегоа и собираа потписи и од граѓаните за кандидатурата. По распишувањето на изборите и почетокот на рокот за собирање граѓански потписи, ВМРО-ДПМНЕ во јавноста објавуваше дека за Гордана Силјановска-Давкова се потпишале повеќе од 20.000 граѓани и тоа во рекорден рок.
Реагираше и СДСМ. Велат дека ВМРО-ДПМНЕ немаат собрано валидни, законски потписи за нивната кандидатка за претседател и дека тоа е показател дека тие како политичка партија немаат поддршка од граѓаните.
„Ова е можеби за првпат ДПМНЕ да нема собрано потписи зад својот кандидат, но тоа и не е толку важно. Клучното е дека ниту ДПМНЕ ниту Гордана Силјановска ја немаат поддршката од граѓаните, велат од СДСМ.
Реагираше и Кандидатката на Левица за претседател на Македонија, професорката Билјана Ванковска, која порача дека е неодговорно од ВМРО-ДПМНЕ прво да ги повика своите симпатизери и членови да се потпишуваат на кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова, а потоа истите гласови да не ги употреби при кандидатурата во ДИК.
(М.С.)