Сиљановска-Давкова: Влогот во НАТО е влог во македонската армија

35

Како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност. Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, рече претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста по повод петгодишнината од зачленувањето на Македонија во НАТО, што денеска се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје. Сиљановска-Давкова најави дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации, како и дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Претседателката верува дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународни правила и принципи, ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и оти ние ќе продолжиме да чекориме и да дејствуваме во заедничката насока.

– Ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, порача претседателката.

Таа во своето обраќање истакна дека петтата годишнина од нашето членство во НАТО ја одбележуваме во сенката на големата трагедија во Кочани, што на ужасен начин нè потсети дека безбедноста на граѓаните е една од основните задачи на државата. Сиљановска-Давкова истакна дека низ децениите НАТО прерасна во стожер на северноатлантскиот и на европскиот безбедносен поредок како предуслов за мир и развој.

–За остварување на оваа стратегиска цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси, какви што не се барале од ниту една друга држава кандидат, рече претседателката Сиљановска-Давкова и додаде дека секој влог е важен, особено во ова време на голема неизвесност и нестабилност, кога Северноатлантскиот сојуз се соочува со глобални безбедносни ризици и регионални воени конфликти, со традиционални, но и со нови, хибридни и сајбер-закани од државни и недржавни актери.

Македонската претседателка истакна дека поредокот воспоставен по Втората светска војна минува низ голема трансформација, а вештачката интелигенција внесува дополнителна непредвидливост.

-Војната во Украина предизвика невидени човечки страдања и материјални штети и ја загрозува визијата за Европа обединета во мир. Конфликтите на Блискиот Исток генерираат нови човечки страдања и нови миграциски бранови. Кризната состојба бара брз и соодветен одговор, рече Сиљановска-Давкова.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, пак, побара единството во Армијата и во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се приспособува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани. И Мисајловски се осврна на трагедија со пожарот во Кочани и помошта од другите држави и нагласи дека денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј, туку го одбележуваме и нашето заедништво и меѓусебната поддршка.

– НАТО не е само воено-политички сојуз и организација, која ги штити надворешните граници на земјите членки, туку е сојуз кој и покрај сите различни гледишта на мноштво теми има една заедничка суштина – грижата едни за други!, рече Мисајловски и потенцираше дека членството во НАТО претставува и гарант и за стабилноста на македонската економија.

Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски истакна дека петгодишнината од пристапувањето на земјава во НАТО не ја покажува само нашата посветеност кон колективната безбедност туку дека тоа е и одраз кон нашата непоколеблива посветеност кон демократските вредности, слободата и стабилноста.

– Нашите војници гордо го носат македонското знаме во составот на истурените сили на Источното крило на НАТО во Романија, Бугарија и Летонија. Припадниците на Армијата распоредени во мисијата КФОР на Косово заедно со останатите земји членки на НАТО, секојдневно се грижат и придонесуваат за регионалната безбедност, стабилност и мир. Како дел од најмоќното воено семејство рамо до рамо со нашите сојузници подготвени сме да ги браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји согласно концептот за одвраќање и одбрана на Алијансата, рече Лафчиски.

Командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч, рече дека земјава е силен и способен сојузник, придонесувач, а не само примач. За полигонот Криволак, кажа дека станал еден од првите во Европа за воени вежби. Адмиралот Манч рече дека НАТО знае дека може да се потпре на Македонија, и Македонија знае дека може да смета на НАТО.

-Овој регион и нашиот свет ќе продолжи да се соочува со комплекси предизвици причинети од зголемени тензии и влијанието на оние кои сакаат да ги поткопаат нашите вредности и начинот на живот. Заедно, 32-те нации во НАТО ќе останат обединети околу предизвиците, бидејќи ние знаеме дека штитејќи го мирот е витално. Мирот е најдобар начин да се осигури долготраен одржлив мир и стабилност. Мирот е основа за прогрес и просперитет за сите, рече адмиралот Манч.

На свеченоста присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, претставници од воено-дипломатскиот кор во земјава и други гости.  (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ