Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска истакна дека нејзиното вето на Законот за заштита на децата не било мотивирано од партиски совети или намери за навреда, туку од почитување на Уставот и законите.
„Ниту сум имала намера, ниту некогаш ќе направам такво нешто – да употребам вето за да навредам некој јазик. Мојата единствена обврска е почитувањето на Уставот и законите,“ изјави Сиљановска-Давкова по литургијата во Соборниот храм во Скопје.
Таа објасни дека не е законодавец, ниту Уставен суд, и дека со ветото побарала уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 од законот, за кои смета дека отвораат простор за дискрециони овластувања.
„Апелирав на внимателност во формулирањето на решенијата. Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации,“ истакна претседателката, додавајќи дека формулацијата „најмалку 20 проценти“ не е во согласност со Уставот.
Сиљановска-Давкова нагласи дека ако пратениците решат да го задржат текстот на законот, ќе го потпише указот, но изрази сомнеж дека станува збор за превид кој може да се коригира.
Од Владата потврдија дека законот ќе биде доработен и доставен во Собранието во законските рокови.
Премиерот Христијан Мицкоски, исто така, изрази увереност дека прашањето ќе се реши брзо.
„Станува збор за рутина и формалност. Членовите 9 и 10 ќе бидат коригирани согласно Уставот и Законот за јазици,“ изјави Мицкоски, додавајќи дека формулацијата што предизвика забуна наскоро ќе биде надмината.