Покана за присуство на концертот во чест на 153 години од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се оддржи во Софија на 4 февруари е испратена до македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и до македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Ова за весникот ВЕЧЕР го потврди Христо Христов, претседател на Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар ,,Гоце Делчев” од Бугарија, којашто го организира концерт со класична музика и поезија.
-Поканети се и претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Се уште не сум добил потврда за нивно присуство. Сигурно ќе присуствува бугарскиот претседател Румен Радев под чиј патронат ќе се оддржи манифестацијата. Поканет е и новиот бугарски премиер Росен Желјасков, за кој се уште не добивме потврда за присуството. Поканите се испратени и до повеќе други лица – пратеници и претставници на државни институции, како и пријатели на Фондацијата – од двете земји, ни изјави Христов.
Според најавата, на 4 февруари годинава со почеток од 19 часот во Воената академија ,,Г.С.Раковски” во Софија ќе се одржи концерт спектакл со класична музика и поезија по повод 153 години од раѓањето на Гоце Делчев, јавува Трибуна. Во културното одбележување ќе земат учество Илина Митревска сопран Македонија, Нели Динева сопран Бугарија, Валентина Божиновска поетеса од Македонија, Елисавета Шапкарева поетеса од Бугарија, Љупка Бјаџони Гутенберг- диригентка од Германија, и Софиски симфониски оркестар.