Сиљановска-Давкова: Членовите на Судскиот совет не се избрани за да бидат скандал-мајстори

31

Апел и очекување од членовите на Судскиот совет да поднесат оставки бидејќи не се избрани да бидат судски скандал-мајстор, изрази денеска македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. По присуството на настанот „Глобален женски појадок 2025“, таа одговори на новинарско прашање при што рече дека однапред се знае резултатот на поднесената интерпелација за дел од членовите, бидејќи 67 пратеници застанаа зад иницијативата. Таа напомена дека многу од сегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат законските услови.

-Многу повеќе некако кај многу од нив личи придавката партизирани, политизирани. Ако се вратиме назад, на генезата на проблемот со Судскиот совет, веднаш ќе заклучиме дека во судството, особено во Судскиот совет што како микроскоп ја следи работата на судиите, ги именува и разрешува, мора да има и голема доза на одговорност, а одговорноста е врзана за етиката. Мојот предлог тогаш беше дека одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа, а тие таму се избрани не за да бидат судски скандал-мајстор, туку за да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт. Еве, уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа – истакна претседателката додавајќи дека македонскиот парадокс е и што интерпелацијата нема завршница.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека секој од пратениците треба да одлучува според својата волја.

– Мислам дека има многу основа за една критичка дискусија и дебата, а секој од парламентарците треба да си одлучува според своја волја и онака како мисли дека треба да одлучи, а кое ќе биде најдобро за иднината на државата и граѓаните. Тоа е суштината – изјави Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ