Десетици илјади навивачи на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ во Загреб ја пречекаа хрватската машка ракометна репрезентација која го освои сребрениот медал на Светското првенство во Осло.
Хрватските ракометари најголемиот дел од своите натпревари на ова Светско првенство ги одиграа во Загребската Арена, каде поддржани од гласните навивачи од трибините остварија неколку големи победи – против Исланд, Словенија, Унгарија и Франција, со што ги надминаа очекувањата и стигнаа до Светско првенство после 16 години.
Иако Хрватска беше во подредена позиција во текот на целиот натпревар против Данска, која го освои четвртиот последователен златен медал, на Мундијалите. Најдобар доказ дека навивачите не беа разочарани од таквиот исход беа стоечките овации со кои беа поздравени хрватските ракометари по нивното враќање.
Главниот плоштад во Загреб беше целосно исполнет, а атмосферата беше слична на онаа од јули 2018 година, кога се врати фудбалската репрезентација, исто така по освојувањето на светскиот сребрен медал. „Вие сте целосно луд народ! Ве сакам, го сакам мојот тим, но најмногу го сакам Пешиќ“, им порача тренерот Дагур Сигурдсон на насобраните на Плоштадот.
Токму голманот Иван Пешиќ по настапот на овој Мундијал најави дека ќе се повлече од националниот тим, кој со своите одбрани во последниот четвртфинален натпревар против Унгарија и овозможи на Хрватска да се избори за медал.
„Ви благодарам на сите бидејќи без вас овој успех немаше да биде возможен. Веројатно само за десетина дена ќе бидам свесен што направивме. Се надевам дека идните генерации ќе одат напред со вас“, рече Пешиќ.
Со овој сребрен медал од репрезентацијата се прости и долгогодишниот капитен и еден од најдобрите светски ракометари во последните две децении, Домагој Дувњак. „Овој тим немаше да стигне до финалето без вас. Тоа е сигурно. Поддржете ги овие момци и во иднина, што и да се случи“, им порача Дувњак на навивачите.