Си замина скромниот папа Франциск, има ли достоен наследник?

728

Поради болеста од која заздравуваше со месеци за првпат годинава откако беше избран за папа во 2013 година, Франциск пропушти поголем дел од обредите на Светата недела, вклучително и Велигденското бдение во саботата навечер, каде што празнувањето на миса им го препушти на кардиналите. И покрај сè, тој во неделата, на Велигден, неочекувано накратко се појави во инвалидска количка на балконот на базиликата „Свети Петар“ и им мавташе на илјадниците насобрани верници, кои го поздравија со голем аплауз. Кажа кратка молитва и им подели слатки на децата. Притоа изгледаше многу кревко и исцрпено, а на насобраните им порача само: „Драги браќа и сестри, среќен Велигден“.Тој беше прв папа од јужна Америка, прв језуит на чело на католичката црква и воопшто прв папа, по речиси 1.300 години, кој не е кардинал од европскиот континент. Стана познат по тоа што се залагаше за отворање на католичката црква кон сиромашните и беше поборник на расправата за општествените и социјалните теми, особено за улогата на жените, за правата на хомосексуалците, за влијанието на климатските промени и за смртната казна. Ќе биде и прв папа кој ќе ја наруши вековната традиција со тоа што нема да биде погребан во Ватикан.

На 89-годишна возраст во понеделникот, на вториот ден Велигден, почина папата Франциск, соопшти Ватикан.
-Утринава во 7:35 часот, бискупот од Рим Франциск се врати во домот на Отецот. Целиот негов живот беше посветен на служењето на Господ и Неговата Црква, објави кардиналот Кевин Фарел во изјавата објавена од Ватикан на каналот на Телеграм.
Тој почина како втор најстар папа во историјата на католичката црква.

Поради болеста од која заздравуваше со месеци, за првпат годинава откако беше избран за папа во 2013 година, Франциск пропушти поголем дел од обредите на Светата недела, вклучително и Велигденското бдение во саботата навечер, каде што празнувањето на миса им го препушти на кардиналите. И покрај сè, тој во неделата, на Велигден неочекувано накратко се појави во инвалидска количка на балконот на базиликата Свети Петар и им мавташе на илјадниците насобрани верници кои го поздравија со голем аплауз. Кажа кратка молитва и им подели слатки на децата. Притоа изгледаше многу кревко и исцрпено, а на насобраните им порача само: „Драги браќа и сестри, среќен Велигден“. Кратко време пред тоа, го прими американскиот потпретседател Џеј Ди Венс „како дел од приватен состанок од неколку минути“ во неговата резиденција во Ватикан, Санти Марти, а имаше средба и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

За време на неговиот 12-годишен понтификат, од 13 март 2013 година папата Франциск боледувал од разни болести, а минатиот месец беше отпуштен од болница по петнеделно лекување од инфекција, која се претвори во билатерална пневмонија. Оваа болест, која се разви од бронхитис, беше најсериозната здравствена криза за време на неговиот понтификат. Но и покрај сите здравствени предизвици, папата остана посветен на својата служба, честопати продолжувајќи ги своите работни должности дури и за време на лекувањето. Неговата смрт го означува крајот на понтификатот обележан со посветеност, скромност и реформи во Католичката црква.

За 226. римски бискуп, шеф на државата и суверен на Ватикан, Франциск како релативен аутсајдер на 73-годишна возраст беше избран за наследник на папата Бенедикт 16. Тој беше прв папа од јужна Америка, прв језуит на чело на католичката црква и воопшто прв папа, по речиси 1.300 години, кој не е кардинал од европскиот континент. Стана познат по тоа што се залагаше за отворање на католичката црква кон сиромашните и беше поборник на расправата за општествените и социјалните теми, особено за улогата на жените, правата на хомосексуалците, влијанието на климатските промени и смртната казна. По промената на американската политика, тој застана во одбрана на правата и достоинството на емигрантите и на малцинските заедници. Тој беше свештеник колку и папа, конзервативен колку и неконвенционален. Папата од главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, со родено име Хорхе Марио Бергољо и италијанско потекло беше уникатен и по тоа што ниту еден негов претходник не го избрал програмското име Франциск. Причина е тоа што името потсетува на Свети Фрањо Асишки (1182-1226), син на трговец кој се почувствувал повикан од Исус, па се откажал од секакво богатство, почнал живот во радикална сиромаштија и во таков дух го основал Францисканскиот ред. Затоа папското име Франциск е спротивно на раскошот на папските палати и на улогата на поглавар на Црквата и државата. Но, Хорхе Марио Бергољо, избран за папа, името Франциск го зема зашто се залагаше за бегалците и бездомниците и се бореше за заштита на животот и климата. Франциск беше остар критичар на глобализацијата и на капитализмот. Во почетоците тој ги држеше најсилните политички говори во кои секогаш настапуваше како адвокат на сиромашните и на глобалниот југ: во 2014 година пред Европскиот парламент во Стразбур, во 2015 година пред американскиот Конгрес во Вашингтон и Обединетите нации во Њујорк. Франциск зборуваше за „застарена и угнетена Европа“ и „нескротлива потрошувачка“. Феноменот Трамп остана нешто што не може да го разбере. Франциск ја повика меѓународната заедница да спроведе брзи реформи и да ја зголеми својата посветеност на развојната помош и заштитата на климата.

Со сиромашните беа поврзани и поважните меѓу неговите 47 патувања во странство кои водеа до Азија, Африка, Латинска Америка и Арабија. Франциск секогаш беше близок со сиромашните, застануваше во сиромашните квартови и ги канеше луѓето. Но, како и сите папи пред него, никогаш не ги посети Кина и Русија, иако во Куба во 2016 година се сретна со рускиот православен патријарх Кирил, лојален на Кремљ.
За време на мандатот папата Франциск, меѓу другото, се справуваше и со случаи на сексуална злоупотреба во Црквата, како и со разни интриги во Ватикан. Но, иако прокламираше нулта толеранција за злоупотреби и отстрани десетици бискупи ширум светот се чинеше дека му е тешко да преземе мерки против осомничени сторители од неговото поблиско опкружување.

Како папа тој го смени лицето на модерното папство избегнувајќи помпа и привилегии, но обидите да ја направи Католичката црква поинклузивна предизвика отпор во конзервативните кругови. Ја имаше поддршката од црковните конзервативци и реформатори бидејќи беше перципиран како православен за сексуални прашања, но либерален за социјални прашања. На неговите поддржувачи им се допадна неговото разбирање и неговата силна решеност да ја реформира Курија (бирократијата на Ватикан), да ја искорени корупцијата во ватиканската банка и да се справи со ужасното наследство на сексуалната злоупотреба на децата во Црквата. Стана познат и по тоа што побара црквата да им се извини на хомосексуалците, но аналитичарите велат дека е погрешно да се верува дека бил целосно либерален. Според Џон Ален, уредник на римокатоличката информативна веб-страница Кракс, тој не сменил ниту една запирка во катехизмот, официјалниот компендиум на црковната доктрина. Исто така, вели Ален, им рече „не“ на свештеничките и на хомосексуалните бракови, а абортусот го дефинираше како најстрашното злосторство.

Сепак, анкетите покажуваа дека уживаше голема популарност меѓу католиците и припадниците на другите вери, а на мрежата „Икс“ имаше 10 милиони следбеници. Истовремено, неговата подготвеност директно да им пристапи на проблемите создаде голем број противници, и внатре и надвор од Ватикан.

Една од највпечатливите сцени од неговиот понтификат остана онаа кога пред Велигден во 2020 година, во деновите на пандемијата на корона, сам на мрачниот плоштадот „Свети Петар“ на дожд го молеше Бога за светските страдања.

И по смртта папата Франциск ќе смени традиција. По повеќе од 300 години ќе биде првиот папа кој нема да биде погребан во Ватикан. Тој ќе почива во базиликата „Света Марија Велика“, една од четирите главни папски базилики во Рим. За разлика од претходниците кои беа погребани во ковчези направени од чемпрес, олово и даб, тој се одлучил за едноставен дрвен ковчег обложен со цинк, пренесе Би-би-си. Исто така, ја отфрла традицијата на јавно поставување на телото на подигната платформа во базиликата Свети Петар, па ужалените ќе бидат поканети да му оддадат почит додека неговото тело е во отворен ковчег.

Право на избор на нов папа имаат сите кардинали помлади од 80 години, а во моментов такви има 138. Изборот се прави со двотретинско мнозинство. Веќе има повеќе кандидати, меѓу кои и Азијци и Африканци.

Пред шест години папата Франциск ја посети Македонија

Пред точно шест години, на 7 мај 2019 година, тогаш 83-годишниот папа Франциск ја посети Македонија. Беше пречекан традиционално, со сол и леб. Се сретна со тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов и со премиерот Зоран Заев, а потоа излезе пред илјадниците граѓани пред спомен-домот на Мајка Тереза и низ целата улица „Македонија“ во центарот на Скопје, каде што прошета со папамобилот.

-Македонија е портата преку која христијанството влезе во Европа, бидејќи жителите на македонско тло биле првите Европејци на кои апостолот Павле им го пренел Христовото учење, изјави тој при посетата на Македонија, каде што дојде по посета на Бугарија.

Светиот отец нагласи дека особено е среќен што чул дека во Македонија владее почит кон сите религии и има почитување меѓу припадниците на различните верски заедници.

 

ИЗДВОЕНИ