EPA/Carmen Jaspersen

Окружниот суд во Вупертал, Германија, го осуди првообвинетиот на три години без помилување, неговиот син на шест месеци условно, а поранешниот чувар на две години условно, за уцена на семејството Шумахер.

Тројцата мажи, во средата, беа осудени за обид за уцена на поранешниот возач на Формула 1, Михаел Шумахер (56). Двајца од обвинетите, татко и син, веќе ја признаа вината пред окружниот суд во Вупертал во западна Германија. Третиот, поранешен вработен во обезбедувањето на Шумахер, се бранеше со молчење. Тој беше клучна фигура во пресудата, бидејќи беше обвинет од судот дека им предавал на таткото и синот материјал што бил наменет за изнуда.

Шумахер, седумкратен шампион во Ф1, беше заштитен од очите на јавноста од своето семејство, по несреќата на скијање во 2013 година, во која се здоби со сериозна повреда на главата. Тројката го уценувала семејството со закана дека ќе објави приватни фотографии и видеа доколку не плати 15 милиони евра. Според јавното обвинителство, истражителите заплениле 900 фотографии и речиси 600 видеа од семејството, како и дигитализирани медицински досиеја на Шумахер.

Судот забрани објавување на идентитетот на осудените, но се појавија имињата во некои странски медиуми. Наводно, извесен Јилмаз Тозтуркан (53) е тој што доби три години затвор, неговиот син Даниел Линс (30) доби условна казна од шест месеци, додека трет е Маркус Фрише, поранешен телохранител на Шумахер, кој негираше вина и се бранеше молчејќи, но доби две години условна казна.

 

ИЗДВОЕНИ