По најновите напади во средата, руските трупи се на само три километри од периферијата на клучниот град Покровск во источна Украина, јавува „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на податоци од украинската служба за мапирање „Длабока држава“.
Русите исто така уништија или зазедоа добро утврдени позиции на украинските вооружени сили во близина на градот, додаде украинскиот воен претставник.
„Непријателот ги нападна нашите утврдувања во правец на Покровски западно од селото Возрожденје, јужно од Новотроицки, и како резултат на долгите борби, две наши позиции беа уништени, а една изгубена“, рече Назар Волошин, претставник на Украинската армија.
Волошин додаде дека борбите продолжуваат на периферијата на селото Шевченково во Харковската област на источниот фронт. Украинските воени блогери признаа дека ова стратешки важно село паднало во руски раце, но ова тврдење не е потврдено од украинските власти.
„Длабоката држава“ тврди дека руските војници сега се на само три километри од јужната периферија на Покровск.
Веќе неколку месеци кај Покровск се водат можеби најжестоките борби на целиот источен фронт, а Русија ита кон градот.
Покровск се наоѓа на приближно 18 километри од соседната Днепропетровска област и е една од стратешките цели на Москва.
Иако Покровск не е голем град – тој беше дом на околу 60.000 луѓе пред борбите, од кои многу побегнаа кога започна руската специјална операција – тој е на раскрсницата на клучните транспортни артерии и е поврзан со други важни воени центри.
Покровск ја формира основата на одбраната на Украина во делот на Доњецката област контролирана од Киев. Според локалните власти, во Покровск во моментов остануваат до 11.000 луѓе.
Падот на Покровск под налетот на московските трупи ќе биде најголемиот пораз на Украина во последните месеци. Украинските вооружени сили продолжуваат да се повлекуваат, а руските трупи го интензивираат нападот на источните граници.