Шверцери во Грција фрлале луѓе во морето: Четири лица се удавиле, 25 се повредени

39
Refugees on a boat crossing the Mediterranean sea, heading from Turkish coast to the northeastern Greek island of Lesbos, 29 January 2016.

Во морето во близина на Родос, четворица мигранти се удавија, а 25 беа спасени пливајќи до копно, откако шверцер ги принудил да скокнат од чамец додека ги превезувал од Турција во Грција, соопшти крајбрежната стража, која ги извади телата од морето.

Телата на тројца мажи и една жена се пронајдени во близина на брегот на југот на Родос. Група од 25 преживеани беа пронајдени на копно, при што полицијата првично ја лоцираше почетната група од 11 лица, а останатите беа пронајдени потоа.

Преживеаните им кажале на властите дека со глисер патувале кон грчкиот остров од блискиот турски брег, кога шверцерот кој управувал со чамецот ги принудил да скокнат во водата и побегнал.

Акцијата за пребарување и спасување во таа област беше прекината попладнево кога властите утврдија дека нема повеќе исчезнати од преживеаните. Засега не е позната националноста на патниците.

Грција лежи на миграциска рута за луѓето кои бегаат од војна и сиромаштија во Африка, Азија и Блискиот Исток, при што десетици илјади се упатуваат кон грчките острови, обично со брод од турскиот брег.

Министерот за миграција Никос Панајотопулос рече дека владата бара построга миграциска политика на ЕУ и размислува за создавање притворни установи на островите Родос и Крит, откако стапката на пристигнувања по морски пат е повеќе од двојно зголемена од минатата есен.

До почетокот на ноември, нешто повеќе од 50.000 мигранти пристигнале во Грција, а повеќе од 43.000 пристигнале по море, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци на ОН.