Туристите кои уживаат во живописната глетка покрај бреговите на алпските езера Луцерн, Тун или Нeшател веројатно би биле изненадени кога би знаеле дека под овие недопрени планински водни бисери се крие складиште со муниција и дека швајцарската влада нуди награда за отстранување на таа муниција.
Со години швајцарската армија ги користела езерата како депонии за стара муниција, сметајќи дека тие се погодни места за отстранување на застарените, но опасни резерви на експлозив, пренесува Би-Би-Си.
Се проценува дека има околу 3.300 тони муниција во езерото Луцерн, додека 4.500 тони муниција се депонирани во водите на Нешател, езеро што швајцарското воздухопловство го користило при вежби за бомбардирање до 2021 година.
Некои делови од депонираната муниција се наоѓаат на длабочина од 150 до 220 метри, додека други, како на пример во езерото Нешател само шест или седум метри под површината.
Швајцарското Министерство за одбрана нуди 50.000 швајцарски франци (45.000 фунти) како парична награда за најдобрата идеја за отстранување на муницијата.
Трите најдобри идеи за безбедно и еколошки решение за отстранување на муницијата ќе го поделат наградниот фонд, но се очекува спроведувањето на целосната операција за отстранување на муницијата да чини неколку милијарди франци.
Швајцарската влада признава дека факторите како што се лошата видливост, магнетизираното железо и тежината на муницијата претставуваат големи предизвици за еколошки отстранување на таков опасен товар.
Проценката на можните техники на екстракција од 2005 година покажа дека сите предложени решенија за вадење на муницијата носат сериозни ризици кои можат да ги загрозат чувствителните екосистеми на езерото.
Во 1947 година, во близина на планинскиот град Митолца, експлодирале 3.000 тони муниција што војската ја складирала во планината.
Во таа несреќа загинаа девет лица, а едно село беше уништено, а експлозијата се слушна и во Цирих, оддалечен 160 километри.