Скопје сè повеќе е валкан град, покрај контејнерите никнуваат мини депонии, има отпадоци и догорчиња од цигари на сите страни. Токму граѓаните ја прават оваа грда слика, однесувајќи се несовесно, па наместо во контејнери и канти, ги фрлаат отпадоците на тротоарите, тревниците, по парковите… Со вакви „убави“ спомени, странците ја напуштаат македонската метропола.

Иако скопјани се самокритични за ова прашање, дека толку ни се свеста и културата, сепак, скептични се дека ќе се искорени оваа појава. Напротив, се засилува.

– Не е сѐ во казнувањето, воспитувањето е најважно, и мислам дека најчесто младите го прават тоа. Не сфаќаат дека со фрлањето отпадоци самите си се казнуваме – вели скопјанец.

Во периодот кога вообичаено се реновираат домовите и се молерисува, веќе е вообичаено стариот мебел и шутот од градежните работи, наместо да се однесат на депонија или да се побара специјален контејнер за таква намена, да завршуваат на куп, покрај контејнерите за ѓубре или на зелените површина и покрај тоа што законот забранува, а казни има.

Само изминатиов викенд, од диви депонии лоцирани на територијата на Скопје се собрани и транспортирани 150 кубни метри непрописно фрлен кабаст, градежен и мешан комунален отпад, што зборува за фактот дека лошите навики на скопјани не се менуваат лесно.

Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје соопштија дека во текот на изминатиов викенд повторно се соочиле со тенденциозно загрозување на животната средина и јавното здравје, преку масовно фрлање отпад на јавни и на сообраќајни површини и создавање диви депонии.

– Со цел одржување на максималното ниво на хигиената и чистотата во Градот Скопје, екипите на претпријатието, во текот на викендот, реализираа вонредни активности за подигнување и транспорт на вкупно 150 кубни метри непрописно фрлен кабаст, градежен и мешан комунален отпад. Интервенирано е на улиците „Лихнида“, „Лука Геров“ и „Македонска војска“ во Општината Ѓорче Петров, како и на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Општината Бутел. Во координација со ЈП „Паркови и зеленило“, отстранети се и неколку диви депонии на улиците „Благоја Паровски“, „Џон Кенеди“, „Панче Неделковски“ и „Цветан Димов“, како и на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во Општина Чаир – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Од почетокот на јули, екопатролата при ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје изготви пет записници за граѓани што биле затечени при непрописно фрлање отпад на јавни и на сообраќајни површини на улиците „Лазар Поп Трајков“ и „16. Македонска бригада“ во Општината Гази Баба, улиците „Јуриј Гагарин“ и „Веселин Маслеша“ во Општината Карпош, како и на улицата „Аминта Трети“ во Општина Центар.

ЈП „Комунална хигиена“ нема надлежност да изрекува санкции за непрописно фрлање отпад. Надлежноста за спроведување на Законот за јавна чистота ја имаат локалните самоуправи, односно инспекциски надзор по овој закон вршат комуналните инспектори и комуналните редари од Градот Скопје, општините во Градот Скопје и општините на територијата на целата држава надвор од главниот град.

Сè што претставува смет на јавни површини улици, паркови контејнери, по водотеци-реки/потоци, покрај јавни патишта (на пример, ѓубре на патот за превојот Стража, сметишта како што се Визбегово, Вардариште, отпад по реките и многу други локации низ државата), опожарување на смет, гуми итн.

Според Законот за јавна чистота, во контејнерите наменети за комунален отпад е забрането да се фрлаат шут и кабаст отпад, и се пропишани и казни за тоа. Во членот 14 од Законот, меѓу другото, наведено е дека е забрането фрлање и оставање градежен шут освен на местата определени за таа намена, оставање стари предмети од домаќинството и смет покрај контејнерите, како и фрлање и оставање хартија, догорчиња, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена.

За непостапување по оваа забрана, предвидени се казни. За физички лица, за граѓаните, глобата е 50 евра во денарска противвредност, а за фирма, која го прекршува членот 14, предвидена е казна од 2.000 до 4.000 евра.

За да не се плаќаат казни и за да не се загадува животната средина, граѓаните можат да ја искористат услугата што ја нуди ова јавно претпријатие за подигнување на шутот и кабастиот отпад и негово транспортирање до легална депонија. За подигнување градежен шут со камион на „Комунална хигиена“ и двајца работници се наплаќа 2.310 денари, а без работници – 1.890 денари. За подигнување кабаст отпад со камион и со двајца работници се наплаќа 2.940 денари или 1.680 денари ако самите го натоварите.

Има и трета опција, а тоа е дека можете самите да ги однесете шутот, предметите или отпадните санитарии, без наплата, во пунктот на КХС веднаш по спортската сала „Борис Трајковски“. Влезот во пунктот е од уличката пред бензинската пумпа на „Макпетрол“ на бул. „Илинден“. Телефонот на кој може да се повика камион на КХС е 0800 222 33.

(С.Бл.)