Судија од Кривичниот суд денеска им определи мерки на претпазливост на ескдиректорот на истражниот затвор во Шутка, Филип Андов викан Сокол и на уште деветмина други осомничени, по полициската акција спроведена во затворот. Ваквата мерка била побарана од јавниот обвинител, а Судот ја прифатил, објаснуваат од Кривичниот суд.
– Осомничените имаат забрана за напуштање на домот, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Судот, привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, забрана за приближување, односно одржување контакти или врски со осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело – стои во соопштението на Судот.
Министерот за полиција, Панче Тошкоски, вчера објави детали од кривичната пријава против поранешниот директор на затворот, од времето на владеењето на СДСМ, и другите осомничени. Незаконски овозможувале осудени лица да излегуваат од затворот, со полициска придружба до одредени локации каде што останувале по 8 до 10 часа. Потоа, исто така, со полициско возило и придружба биле враќани во затворот, и сето тоа на сметка на државата, информира министерот.
– Менаџерот на затворот и други лица ја доживувале институцијата како трговец поединец или приватно правно лице што се занимава со туристички услуги, поради тоа што незаконито овозможувале затвореници, за кои постои висок безбедносен ризик, да користат привилегии што не им следуваат по закон. Притоа биле чувани од затворските полицајци, кои се платени од граѓаните. Тие го користеле ова отсуство од законот и спроведувањето и чувањето од затворската полиција за приватни потреби според документацијата, а тоа какви се тие потреби, дополнително ќе биде утврдено. Тоа не било за здравствени услуги, ниту, пак, да им бидат достапни на органите на прогонот, туку за други приватни потреби што немаат законска основа во македонското законодавство – изјави Тошковски во ТВ- интервју за „Канал 5“.
СДСМ да го исклучи Андов од партиските тела, побараа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата, пак, смета дека власта прави театар со кривичната пријава со цел да ги покрие своите глупости од погрешните политики.
– Криминалците што ги пуштал Филип Андов-Сокол во ниту еден случај не смееле да го напуштат притворскиот затвор. Овие криминалци биле изнесувани од затворот од униформирани лица, кои тајно ги транспортирале до местото до кое сакале тие, со службени возила и со службени ресурси. Со Филип Андов-Сокол, државата буквално работела за криминалци. Доколку СДСМ не излезе јавно да се извини, да го разреши Сокол и да го осуди, ќе покаже дека ништо не сменил, ниту има сила да смени – изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ обвинија:
– Правењето јавен линч само со поднесување кривични пријави, за кои допрва треба да видиме дали се основани, фрла дамка на сите овие процеси за кои СДСМ отворено се сомнева. Од друга страна, за огромен број скандали поврзани со високи владини функционери не се презема ништо, власта ги штити по секоја цена.
Според истрагата во Обвинителството, Сокол овозможил на петмина затвореници да се чувствуваат како во хотел, си оделе дома, по приватни работи, иако требало да излегуваат од затворот за во суд или за во болница поради влошено здравје. По молбата за излез на затвореникот, потпишана од осомничениот ексдиректор, спроводот бил вршен од затворскиот командир, кој, исто така, е опфатен во пријавата, а во некои случаи тоа го правел осомничениот затворски полицаец, кој му бил и личен шофер на Андов.
– При ненајавен вонреден надзор од Управата за извршување санкции, било констатирано дека недостигаат 11 осудени лица, кои не биле пријавени дека не се присутни, бидејќи тогашниот директор ги сместил во импровизирани соби, без камери и тие избегале од затворот – објаснуваат од Обвинителството и додаваат дека со непреземањето дејства што му биле во надлежност, осомничениот го сторил кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода. (П. А.)