За катастрофалната несреќа во импровизираната дискотека „Пулс“ од Кочани, која работела со лажна лиценца и ја немало во регистарот на Министерството за економија, засега осомничени се над 22 лица, а за 11 е определен краток притвор заради обезбедување на докази. „Шупата“ работела незаконски 15 години, кажа министерот за внатрешни, а за непостапувањето, корумпираноста и незаконитоста ќе одговараат сите кои се огрешиле, најави Панче Тошковски. Во меѓувреме во Институтот за судска медицина трае обдукцијата на телата на починатите, за ВЕЧЕР, директорот изјави дека ќе заврши тогаш кога ќе се идентификуваат сите жртви. Обдукцијата се прави во Институтот и во погребалното Бутел.
Еден куп институции се одговорни за големата несреќа која настана во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога искрите од прскалките на сцената, на која настапуваше позната хип-хоп група „ДНК“, го потпалија лесно запаливиот покрив, по што огнените јазици го „голтаа“ импровизираниот објект, а многу брзо и 59 млади луѓе кои останаа заробени во пеколот, не успевајќи да го преживеат страшното стампедо од нивните пријатели, соседи, врсници, кои спасуваа жива глава низ единствената тесна врата која била отворена и го нудела спасот од ужасот.
На денешната прес-конференција, министерот за полиција Панче Тошковски, на која присуствуваше целиот полициски врв, најави дека за големата трагедија ќе се приведе секој оној што на кој било начин придонел за несреќата. Осомничени се 22, а за 11 од нив е определена мерка краткотраен притвор, во траење од 48 часа, време кое ѝ е потребно на истрагата да собере доволно докази, по што ќе се бара редовен притвор. Во Кочани каде што без почитување на ниту еден правилник за работа и без контрола од локалните институции си терала дискотеката на „диво“ 15 години, приведени се сопственикот на „Пулс“, управителот на фирмата, четворица од обезбедување, тројца инспектори од Пазарна, еден од Трудовата инспекција, сите ќе одговараат за тешки дела против општата сигурност и предизвикување на опасност, изјави министерот за внатрешни.
Во однос на прскалките рече дека биле донесени од бендот, тоа го потврдил член на ДНК, но тој што бил задолжен за пиротехниката починал во пожарот. Дозвола од полицијата за користење на пиротехника немало. Пожарот во дискотеката бил локализиран по два часа откако почнал. Дополнителен проблем на противпожарните екипи и болничките комбиња било тоа што објектот немал паркинг и место за пристап, поради што одговорност ќе се бара и за вработени во СВР Штип.
-Констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво, што имаме катастрофална состојба во постапувањата на огромен број институции во случајот, рече министерот за МВР Тошковски и најави уште апсења.
–Каде и да копнеме, наоѓаме неправилности, а „шупата“, која се нарекувала дискотека, работела така 15 години, кажа Тошковски. Пријава ќе има и за поранешни и сегашни вработени во Министерството за економија од каде што дискотеката добила нелегална лиценца за работа и не постоела во регистарот на министерството за економија. Предистрагата го опфаќа и екс-министерот за економија Крешник Бектеши, кој е на долг распит во полициска станица…
-Во ПС Скопје и Тетово приведени се пет лица, меѓу нив и еден поранешен министер. Издадени се 17 наредби за претрес на две лица – службеници во министерството за економија, одземена е техничка документација, оружје, компјутери, изјави министерот
Претходно за претресите информираше и Јавното обвинителство. Дрскоста одела дотаму што дискотеката не постои во регистарот за издадени лиценци од Економија, а при контролата сопственикот приложувал фалсификувана. Полицијата направи претрес во домот и во автомобилот на газдата и кај неговото сметководство.
– Издадени се повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија, како и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. Увидот на лице место денеска продолжува“, соопшти Обвинителството и додаде дека обвинителскиот тим се засилил и сега брои девет обвинители.
Шефот на обвинителството кој и денеска беше во Кочани да го предводи тимот кој правеше увид во пеплосаниот објект, рече дека пропустите се големи. – Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот“, Коцевски рече дека за катастрофалниот пожар има осомничени за разни тешки кривични дела: од тешки дела против сигурноста, преку примање и давање мито, до пуштање во промет на опојни дроги.
Јавните обвинители во предистрагата утврдиле дека објектот немал хидрантна мрежа, ниту хридрант. Имал само два противпожарни апарата. Немало 2 излезни врати за евакуација, според бараните стандарди и квадратурата, туку само една импровизирана, метална врата која во моментот на несреќата била заклучена однадвор. Внатрешноста на објектот бил обложен со гипс-картон без огноотпорни средства, немало спуштен таван со противпожарни материјали, ниту систем за известување на пожар, просторијата била обложена со запаливи материјали. Биле користени пиротехнички материјали без дозвола и без соодветна фирма. Констатирано е согласно имотниот лист на објектот, дека тој бил регистриран за лесна индустрија и оти не била извршена пренамена за угостителска дејност. И покрај тоа, Министерството за економија им давало дозвола 15 години“, се првичните наоди од истрагата на ОЈО кои детектираат низа пропусти и незаконски дејствија од многу институции и лица.
Во катастрофалниот пожар што се случи во неделата во раните утрински часови за време на концертот на групата ДНК починаа најмалку 59 млади луѓе, а повеќе од 160 се повредени, дел од нив сè уште се во критична состојба. (П.А.)