Шумски пожар „голта“ област на Пелопонез, двајца загинати

31

Две лица се пронајдени мртви во шумски пожар кој неконтролирано се шири низ планинска област во централната грчка провинција Коринт, а го предизвика силен ветер, соопштија грчките власти.

Стотици пожарникари и девет авиони се борат со пожарот што избувна во неделата во близина на крајбрежниот град Ксилокастро на полуостровот Пелопонез, на околу 120 километри западно од Атина. Поради пожарот се евакуирани неколку села, јавува ХИНА.

Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду рече дека пронајдените тела се изгорени и дека се потребни лабораториски тестови за нивно идентификување.

Грчкото Министерство за цивилна заштита соопшти дека е отворена истрага за случајот.

Грција се соочи со најжешкото лето оваа година по најжешката зима досега, при што во некои области речиси и да не падна дожд.