Планини од дури 17.000 тони ѓубре во црни вреќи се натрупани на улиците на Бирмингем, кој со своите 1,2 милиона жители е втор по големина град во Велика Британија. Насекаде лазат црви, низ домовите шетаат лебарки и стаорци поголеми од мачки, а миризбата што се шири е неподнослива.
Апокалиптичните сцени од овој град се резултат на штрајкот на ѓубреџиите кои бараат поголеми плати и не го собираат сметот со недели. Во штрајкот се вклучени околу 400 собирачи на ѓубре револтирани од одлуката на градските власти со која се блокира покачувањето на платите и се деградира дел од персоналот, што може да доведе до годишно намалување на платата и до 8.000 фунти.
Градскиот совет го демантира ова и вели дека понудил алтернативни улоги и можности за преквалификација на погодените работници.
Спорот неодамна влезе во четвртиот последователен месец и сега ескалира, откако на почетокот штрајковите беа периодични.