Во сефот на Агенцијата има конфискувано пари од различни валути, најмногу се евра – околу триста и триесет илјади, потоа долари, а биле одземени и норвешки круни во износ од околу петнаесет илјади евра. Во магацинот на Агенцијата, кој е сместен во затворениот дел, има сè и сешто: текстил, обувки, електрични апарати, цигари, алкохол, предмети за одземена дрога, оружје и муниција што претставуваат и докази во судските постапки. Во надворешниот магацински дел, пак, се сместени луксузните автомобили, слично како во криминалистичките филмови. Нашиве негативци возеле „мерцедес“, „ауди“, „форд ренџер“, „порше“, чија вредност се проценува на неколку десетици илјади евра. Во 2024 година, од возниот парк на криминалците биле одземени вкупно 217 моторни возила. Возилата одат на продажба по правосилноста на пресудата, која потврдува дека се купени од валкани пари, и за нив се лицитира преку јавно наддавање, по електронски пат.
Пандорче АНТEСКА
Ако во минатото криминалците го закопувале богатството, па оставале трага на мапа што води до украдениот плен, денес тешко дека ќе дојде некоја држава до имотот и до парите стекнати по нелегален пат. Криминалците вешто ги кријат трагите на парите, преку офшор фирми и земји и недвижен имот на туѓо име. Државата Македонија располага со нелегално стекнатото богатство откако ќе ги „жигоса“ судот со правосилна пресуда. Со одземениот имот управува посебна агенција, која во годинава што изминува наплатила, односно имала прилив од речиси милион и шестотини илјади евра, пари стекнати по криминален пат. Директорката Ирена Илиевска вели дека е задоволна од реализацијата, смета дека ефикасното извршување на пресудите е во зависност од нивниот квалитет.
– Клучни се обезбедувањето на имотот во текот на истражната постапка, кој не е оптоварен со реални товари и хипотеки, неговата процена и утврдувањето на пазарната вредност во текот на постапката, како и бришењето на прибелешките запишани во текот на постапката во имотните листови веднаш по правосилноста на пресудата. Еден од предизвиците на Агенцијата е набавка на нов софтвер и на електронски систем за јавно наддавање, сè со цел поефикасно спроведување на постапката за продажба на конфискуваниот имот, а со тоа и поголем прилив на средства во буџетот на државата – вели Илиевска.
Во сефот на Агенцијата има конфискувано пари од различни валути, најмногу се евра – околу триста и триесет илјади, потоа долари, а биле одземени и норвешки круни во износ од околу петнаесет илјади евра. Во магацинот на Агенцијата, кој е сместен во затворениот дел има сè и сешто: текстил, обувки, електрични апарати, цигари, алкохол, предмети за одземена дрога, оружје и муниција што претставуваат и докази во судските постапки. Во надворешниот магацински дел, пак, се сместени луксузните автомобили, слично како во криминалистичките филмови. Нашиве негативци возеле „мерцедес“, „ауди“, „форд ренџер“, „порше“, чија вредност се проценува на неколку десетици илјади евра. Во 2024 година, од возниот парк на криминалците биле одземени вкупно 217 моторни возила. Возилата одат на продажба по правосилноста на пресудата, која потврдува дека се купени од валкани пари, и за нив се лицитира преку јавно наддавање, по електронски пат.
– Со донесувањето на новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, се изврши измена на одредбата за отстапувањето на одземените моторни возила, каде што во новиот закон, акцент и предност се дава на нивната продажба, доколку не се продадат и по третата објава за продажба, тогаш да можат да се отстапат за потребите на државните институции, невладините организации и фондации. Во кој било случај, Агенцијата носи решение за трајно отстапување на одземените предмети, односно тие не се даваат на реверс – објаснуваат од Агенцијата.
Запленетото богатство на Мијалков и на Груевски се брои во десетици милиони евра
Државниот буџет се офајдил од сметките и од имотот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за кого имаше неколку пресуди во предметите од поранешното СЈО, па така Агенцијата наплатила од неговите сметки околу шест милиони и сто илјади евра, а државата станала сопственик и на хартии од вредност за над 7.000 акции во Стопанска банка Битола, во износ од 350 илјади евра. Од конфискацијата на недвижниот имот на Мијалков, се бројат 23 стана и 9 гаражи, 2 апартмана во хотелот „Панорама резиденс“, исто толку во хотелот „Парк“ во Охрид, три градежни земјишта во КО Радња, Центар и Богородица, деловен простор.
– Од одземените недвижности, преку електронска јавна аукција е извршена продажба на три стана и на една гаража на ул. „Славејко Арсов“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид и градежно земјиште во КО Радња – велат од Агенцијата за одземен имот.
На неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски, одземени му се два стана на улицата „Бихаќска“ во Кисела Вода, во вредност од околу 105 илјади евра.
– Покрај овие два стана, одземени се и три апартмани во „Панорама резиденс“, од кои: апартман од 199 м2 и помошна просторија од 48 м2, со проценета вредност од Бирото за судски вештачења во износ од 635.220 евра; апартман од 200 м2 и помошна просторија од 48 м2 во износ од 637.896 евра и апартман од 155 м2 и помошна просторија од 95 м2 во износ од 569.662 евра, па со продажбата на овие одземени недвижности во буџетот ќе се префрлат најмалку 1.950.000,00 евра – информираат за весникот ВЕЧЕР од Агенцијата. Од имотот на Груевски, а одземен по правосилност на пресудата, ќе се продаваат уште две градежни земјишта, едно во КО Центар, друго во КО Норово.
Ќе се олеснува постапката одземениот имот да се отстапува за социјални цели
Европската комисија, во своите последни извештаи, ѝ забележа на државата за недоволната борба против криминалот и корупцијата, особено по измената на Кривичниот закон во делот за злоупотреба на службената должност, со што паднаа многу истраги од поранешното СЈО, а штетата од криминалот остана ненаплатена. Од Агенцијата за одземен имот велат дека во иднина ќе ја зголемат ефикасноста на продажбата на конфискуваниот имот и негово впаричување во државниот буџет, ќе се воспостави електронски регистар за одземениот имот, а ќе се обезбеди и пристап до базите на податоци на другите институции. Агенцијата ќе работи на донесување правни акти со кои имотот стекнат по криминален пат ќе се пренамени за социјалните потреби на граѓаните.