Што уште донесе премиерот од Будимпешта?

Премиерот има докази за средби на функционери на СДСМ и на ДУИ со Груевски

1316

Многу брзо и со докази ќе потврдам дека поранешните функционери на СДСМ и на ДУИ се среќавале со Никола Груевски во Будимпешта, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали во текот на дводневната посета на Унгарија тој се сретнал со поранешниот македонски премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Не се сретнав, но доколку се сретнам, ќе бидете информирани, затоа што јас водам политика на принципот „вистината е најточна“. Верувајте, секогаш кога ќе се случи нешто, јас го кажувам тоа, бидејќи нема што да кријам, совеста ми е чиста. Но, исто така, можам да потврдам, многу скоро и со докази, дека голем дел од функционерите на поранешната владина коалиција СДСМ – ДУИ се среќавале во Будимпешта со господинот Никола Груевски, за што не дадоа одговор како што би дал јас – рече Мицкоски.

Средбите на поранешниот премиер Груевски, кој од 2018 година престојува во Будимпешта, Унгарија, каде што побара политички азил откако избега од Македонија, со претставници на СДСМ и на ДУИ во изминативе две години биле тема на политички препукувања. Оваа тема стана особено актуелна врзано за експресните промени во Кривичниот законик, кои ги направи поранешната Влада, а кои, според некои тврдења, имале и цел Груевски да придобие дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни промени со цел внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

Во септември 2023 година, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во едно телевизиско интервју откри дека во изминативе неколку години имало неколку тајни средби меѓу него, Зоран Заев и Никола Груевски во врска со измените на Кривичниот законик. Но, веднаш беше демантирано тоа од Груевски и од Заев.

– Не сум побарал никој да бара од претседателот Пендаровски амнестија за мене – соопшти тогаш Груевски.

И лани во ноември, коалицијата „Вреди“, која е дел од новото владино мнозинство, ја обвини ДУИ дека имала план за враќање на Груевски во земјава. Од коалицијата посочија дека била одржана тајна средба во Вила „Водно“, каде што учествувале високи претставници од претходната владејачка гарнитура.

Ахмети и ДУИ, за да го спроведат својот план за ослободување на Груевски, извршиле силен притисок врз Врховниот суд. Планот, според „Вреди“, бил да се врати Груевски преку помилување од претседателот и преку високи луѓе во судството блиски до ДУИ. Но, од ДУИ веднаш ги отфрлија ваквите обвинувања. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ