Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа се обрати до јавноста по вонредната владина седница. Седницата се одржа откако премиерот Милош Вучевиќ вчера поднесе неотповиклива оставка.
По падот на владата во вторник, постојат две опции – формирање нова влада во законскиот рок од 30 дена или одржување предвремени избори. Вучиќ во синоќешното обраќање пред медиумите рече дека во следните десет дена ќе донесе одлука дали ќе има избори или ќе формира нова влада.
Изборите би можеле да се одржат за 75 дена, рече Вучиќ, додавајќи дека „нема да има преодни влади“ и дека таа опција „не му паѓа на памет“, како и дека тој треба да одлучи за тоа.
Додаде дека како претседател го назначува мандатарот, но дека „не е сигурен“ дали ќе има избори или нова влада, која мора да биде потврдена од парламентарното мнозинство.
Претходно вчера, лидерите на одредени опозициски партии и движења, реагирајќи на оставката на премиерот Милош Вучевиќ и падот на владата, порачаа дека „сега изборите не се тема“, инсистирајќи дека прво морало да се исполнат сите студентски барања, а потоа морало да се создадат услови за фер избори преку преодна влада.
Само тогаш може да се одржат избори, порача опозицијата, која оставката на премиерот и владата ја гледа како „обид да се купи време“ и да се избегне откривање на сите одговорни за трагедијата во Нови Сад, што дел од српската опозициска јавност ја гледа како очигледна последица на корупцијата и негрижата на државата.
Вучевиќ во вторникот поднесе оставка под притисокот на студентските и граѓанските протести кои траат речиси три месеца и се закануваа да прераснат во улични судири со поддржувачите на владејачките партии по низата инциденти, барајќи од властите да одговараат за несреќата во Нови Сад, кога се урна настрешница на станицата и загинаа 15 лица.
Немаше да се случат оставките на премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, доколку не се случеше инцидентот во Нови Сад, оцени Вучиќ, велејќи дека сторителите нанеле „огромна штета на државата, на СНС и на секој од нас”.
Вучиќ повтори дека сите студентски барања се „целосно исполнети“ и дека денеска ќе потпише помилување за уапсените демонстранти, иако додаде дека тоа „се коси со неговите принципи“.
Коментирајќи ги студентските блокади на факултетите и граѓанските протести, тој предупреди дека тие го предизвикале „гневот на мнозинската Србија“ кој „расте секој ден“ и дека се „плаши“ од тој гнев.