ШТО ОТКРИ ПЕТОЧНАТА ПРОПОВЕД НА ИМАМОТ ОД ИСА-БЕГОВАТА ЏАМИЈА ВО СКОПЈЕ: Се колнат во верата, а надвор прават гревови!

3866
Имамот Муарем Исмаили жестоко го осуди дволичното и лицемерно однесување на дел од лицата што доаѓаат во оваа и во другите џамии за да се претстават како верници – муслимани за потоа да прават и најтежок криминал. До неговата проповед дојде по неодамнешната крвава вооружена пресметка во скопски Чаир, во која беше убиено едно лице, а неколкумина се ранети. Социолозите укажуваат дека во нашето општество, во кое и до 90 проценти од граѓаните се изјаснуваат како „религиозни“, има добар дел од оние што се само „традиционални верници“ и на кои не им е проблем, по посетите на верските храмови, да прават криминални дела. – Од оној што доаѓа во храмот заради атер на ближните или, пак, за да ѝ остави впечаток на околината, може сè да се очекува – вели за весникот ВЕЧЕР митрополитот европски, Пимен

 

Кога ќе се појават во џамиите или во црквите, редовно ќе му се помолат на Алах или на Исус Христос, ќе се клањаат или ќе се крстат, ќе запалат свеќи, ќе останат можеби на целата служба, можеби петнаесетина минути, можеби ќе ја слушнат, а можеби не проповедта на свештеникот како треба да се сака и непријателот свој… А, потоа ќе заминат од верскиот храм за набрзо да почнат кавги со своите сограѓани од иста или од различна вера околу паркинг-места, околу предност во сообраќајот, околу долгови за продадена дрога, ќе започнат измами, кавги.. сè до вооружени престрелки, убиства, ранувања, кражби… Однесување што е сосема спротивно од она што го бара исламската, христијанската или која и да е друга вера. На ваква дволичност во однесувањето на дел од граѓаните што се сметаат за верници, на петочната молитва во Иса -вата џамија, предупреди имамот Муарем Исмаили, а што предизвика бројни реакции во јавноста. Тој жестоко го осуди дволичното и лицемерно однесување на дел од лицата што доаѓаат во оваа и во другите џамии за да се претстават како верници – муслимани и за потоа да прават и најтежок криминал. До неговата проповед дојде по неодамнешната крвава вооружена пресметка во скопски Чаир, во која беше убиено едно лица, а неколкумина се ранети.

– Некој ќе каже: „Еве, оџа, полна е џамијата“. Да, полна е џамијата, но гледам многу ковчези. Како Тексас станавте, за срамота на светот сме! Дојдовте до тоа дереџе што ние, имамите, треба да се собереме и да ја затвориме џамијата. Да кажеме: „Нема петочна молитва“. Вие, од овој крај, воопшто не се молите, дотука направивте, парампарче се направивте меѓу себе. Направивте ние, имамите, да ви кажеме: „Ајде да ве нема. Одете си, молете се каде што сакате, не ве сакаме“. Секој ден некој некого убива. Кога ќе прашаш, „Еве, Хасан го утепале“, „Неделава си отиде нашиот сакан Хабиб“, другата недела овој, оној… До кога ќе тераме вака? Кого слушате вие? Оџата, попот? Дали сте при свест? Секоја недела некој неранимајко срцето ни го кине. А ние молчиме за него – нагласи имамот Исмаили.

Во објавата што масовно се споделува на социјалните мрежи, тој рече дека дошол во искушение да ја затвори џамијата за веќе да не одржува проповеди.

– Само се множат ваквите случаи и луѓето од целиот свет ни се смеат и велат: „Вам Алах и вербата ви се само формалност“. Имаат целосно право да ни го велат тоа. Одите да се клањате формално и зборот „Алах“ не ве допира до срцето. Се утепавме читајќи ви ги куранските ајети, а вербата во Бога ви се намалува. Сите ќе одговараме пред Алах за ова што ни се случува. Таа капка крв што се пролеала е и моја крв, тоа е мое дете, тоа е твое дете. Тој што го убил него, нè убил сите нас. Како да зборувам за вредностите на Рамазан, а потоа се тепаме со боксови – потенцира овој имам.

До ова доаѓа во ситуација во која околу 90 проценти од вкупното население во Македонија во анкетите се изјаснува како „религиозно и дека верува во Господ“. Односно дека ги прифаќа основните на верското учење, кои бараат да се прават добри дела и да не се прават најразлични гревови. Но, не се прави тоа во реалноста, од немал број одредени лица. Социолозите постојано укажуваат дека таквото однесување е дволично, дека укажува на постоење категорија на традиционални верници што ѝ „припаѓаат на некоја верска заедница без верување“.

– Во нашите истражувања, и натаму е висок бројот, околу 60 проценти од граѓаните за себе велат дека се само традиционални верници, односно дека не се „убедени “ верници, кои ги има околу 35-40 отсто. Во анкетите, традиционалните верници не кажуваат колку не живеат согласно со принципите на верата, но јасно е дека често се случува тоа. Човекот има и предиспозиции да прави зло, лоши дела, да е среброљубив, хедонист… Таквите личности ќе прифатат да ги сакаат оние што ги сакаат нив, но тешко ќе прифатат да сакаат некого кого го чувствуваат како непријател, а како што бара верата – објаснува Зоран Матевски, социолог и универзитетски професор.

Тој додава дека последните истражувања укажуваат дека во македонските џамии се зголемува бројот на оние што одат таму колку да се појават и стануваат традиционални и веќе не се убедени верници.

– Почнуваат да одат во џамии чисто од традиција, а не од желба да се доближат до Бога и за да ги почитуваат верските норми. Имамот од Чаир, во својата проповед, јасно кажа за постоење наводни „верници“, кои прават неморални дела. Ваквиот вид проповеди ќе ги натераат да размислат за своите дела. Секако, треба да се продолжи со ваквите обраќања на свештениците. Во општеството, имаме и ситуација во која лица што краделе пари и правеле криминали, се јавуваат како донатори на верски објекти, а што јасно укажува на двојно однесување. Укажува и на нивната потреба да си ја измијат совеста и се ослободат од направениот грев. Но, има и ситуации во кои свештениците постојано држат вакви проповеди, но нема промени кај дел од тие лица – потенцира Матевски.

И во МПЦ се соочуваат со истиот однос на номинални верници кон верските и кон Божјите заповеди.

– По онаа искрена и болна поука до своето стадо на имамот во Скопје, кое стана вирално, ни станува јасно дека во секоја вера и религија верските водачи се соочуваат со истиот однос на номинални верници кон верските и кон Божјите заповеди. И споменатите, кои несовесно се однесуваат кон ближните по излегувањето од храмот, но и сите оние други што од православието знаат дека само се крстиме со три прста и палиме свеќа за исполнување на често нереални желби, слободно можеме да ги наречеме номинални христијани. До душа, оние првите, кои не го сфатиле и немаат желба да го спроведат во своите животи ни она што наједноствано ни го кажал Христос: „Не прави му го на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе”. Искрено, не знам ни дали воопшто може да се наречат луѓе, верници, а уште помалку христијани – вели митрополитот европски на МПЦ-ОА, г. Пимен, за ВЕЧЕР.

Тој додава дека свештенството е должно да верува во искреното покајание на секој еден човек што пристапува кон верата, верувајќи во исто време дека тоа е негов прв чекор за станување подобар, поморален човек.

– Преку нашите постојани проповеди, но првенствено и преку нашиот личносен однос со него, се трудиме да го пратиме тоа негово преобразување. И ако успееме низ тој наш охристовен однос да допреме до неговата душа, можеме да потврдиме дека не е само форма и негова верска обврска доаѓањето во црква. Таквиот човек почнува да доаѓа на богослужбите поради Бога и поради својата желба и потреба да расте во верата, да граби кон совршенство. За секој друг што доаѓа заради атер на ближните или, пак, за да ѝ остави впечаток на околината дека по дифолт штом е верник, е и добар човек, не може да потврдиме дека има христијански морал и однесување. Од таквиот номинален христијанин може сè да се очекува. Првенствено од тоа што од некаде добил погрешен впечаток дека со голема донација, секој негов грев може да биде простен – потенцира овој митрополит.

Според него, сепак свештенството може малку да направи ако таквите лица не се плашат и од Бога.

-И ако истите од Бога не се плашат и не Го слушаат, многу малку можеме ние да направиме, но, сепак, последно што треба да направиме е да се откажеме од потрагата по нив и од напорот да ги промениме на подобро. Сепак, радоста од пронаоѓањето и на една загубена овца е поголема отколку кога ги имаме другите при себе – вели тој. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ