Итниот состанок на европските лидери за Украина, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон, синоќа заврши во Париз, откако Европа беше заобиколена во преговорите меѓу Вашингтон и Москва за ова прашање.
Лидерите на Европската унија на самитот во Париз покажаа подготвеност да се зафатат со прашањето за обезбедување безбедносни гаранции за Украина, изјави по средбата генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
-Подготвени и расположени. Тоа е мојот заклучок од денешната средба во Париз. Европа е подготвена и сака да преземе акција. Да предводи во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина, напиша Руте на социјалната мрежа Х.
На состанокот, кој беше организиран поради загриженоста меѓу европските лидери за намерата на американскиот претседател Доналд Трамп лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за Украина, присуствуваа, меѓу другите, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Полска и Шпанија најавија дека не се за испраќање на нивните сили на фронтот, додека Велика Британија понуди „нивната чизма“ на стапне украинска територија, и покрај тоа што нивните странски платеници веќе долго време се стационирани на украинскиот фронт.
„Велика Британија е подготвена да игра водечка улога во забрзувањето на работата за безбедносните гаранции за Украина“, рече британскиот премиер Кир Стармер.
Според Политико, британските пратеници веќе побарале парламентот да гласа за испраќање војници во Украина. Додека состанокот сè уште беше во тек, германскиот канцелар Олаф Шолц објави фотографија од собирот на лидери собрани во Елисејската палата.
„Ја поздравуваме дискусијата за мирот во Украина. Но, тоа не значи дека може да има наметнат мир и дека Украина мора да го прифати она што и е претставено…Украина може да ни верува“, напиша Шолц, кој го напушти состанокот пред да заврши.
Тој вети континуирана поддршка за Киев, пренесува БФМ ТВ. Европските лидери се состанаа денеска во Париз за да дефинираат заеднички одговор на позициите на американската администрација за Украина.
„Загрижен сум за дебатата за распоредување на војници во Украина бидејќи можниот исход од мировните преговори е нејасен“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.
Според него, рано е да се зборува за можно учество на германски војници во мисијата во Украина по завршувањето на конфликтот. Ова ја покажа атмосферата во која започна средбата во Париз, а за што се разговарало се уште не се знае.
По средбата, Шолц повика на единство меѓу Европа и САД за одговорноста за безбедноста на Украина.
„Не смее да има поделба во однос на безбедноста и одговорноста меѓу Европа и САД“, изјави Шолц за новинарите по европскиот самит во Париз.
„НАТО се заснова на тоа секогаш да дејствуваме заедно и да споделуваме ризици, а со тоа да ја осигураме нашата безбедност. Тоа не смее да се доведува во прашање“, нагласи Шолц.
Интересно е и тоа што од 27 земји-членки на Европската унија, само осум беа поканети на овој самит, па се поставува прашањето дали и тие имаат право да учествуваат и да гласаат во одлучувањето или на денешниот самит на дело се покажа „европската демократија“.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека европските односи со САД се „во нова фаза“ поради Доналд Трамп, бидејќи лидерите сфаќаат дека е време да станат понаметливи и радикално да ги зголемат трошоците за одбрана, бидејќи американскиот претседател повикува на поголеми европски одбранбени способности.
Британскиот премиер Кир Стармер по средбата изјави дека не е во прашање само иднината на Украина, туку егзистенцијално прашање за цела Европа.
„Само траен мир во Украина кој го штити нејзиниот суверенитет ќе го одврати Путин од натамошна агресија“, вели тој.
Тој вели дека коментарите на Трамп со кој бара од Европа да ги зголеми трошоците за одбрана „не треба да бидат изненадување“.
Данската премиерка Мете Фредериксен, прашана за изгледите за распоредување дански трупи во Украина, рече дека на почетокот нема да го исклучи тоа, но рече дека има многу, многу работи што треба прво да се разјаснат, вклучително и каква било потенцијална улога на САД.
Таа вели дека европските лидери треба да се фокусираат на тоа што можат да направат како одговор на разговорите на САД со Русија.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека средбата послужила како форум за консултации меѓу лидерите и оти не биле донесени обврзувачки одлуки.
„Мирот во Украина и европската безбедност се две страни на иста паричка“, рече тој.
Тој инсистираше на тоа дека Украина и ЕУ треба да бидат застапени на разговорите.
Today in Paris we reaffirmed that Ukraine deserves peace through strength.
Peace respectful of its independance, sovereignty, territorial integrity, with strong security guarantees.
Europe carries its full share of the military assistance to Ukraine.
At the same time we need… pic.twitter.com/xdAnkeWr4v
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) February 17, 2025
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста објавија идентични реакции на вечерашната средба во Париз на социјалните мрежи.
„Денес во Париз потврдивме дека Украина заслужува мир преку сила. Мир со почитување на нејзината независност, територијален интегритет, со силни безбедносни гаранции. Европа го обезбедува својот целосен дел од воената помош на Украина. Во исто време, ни треба зголемување на одбраната во Европа“, се наведува на X.
САД и Русија утре ќе ги обноват своите односи со средба меѓу рускиот шеф на дипломатијата Лавров и државниот секретар на САД Марко Рубио. Состанокот треба да се одржи во Ријад – Судиска Арабија. Во центарот на разговорите ќе биде можно решение за војната. И Русија и САД јасно порачаа дека во оваа фаза Украина нема да биде вклучена во разговорите, што го налути Зеленски, кој изјави дека нема да ги признае договорите направени без нив.