Што ќе надвладее – разумот или нуклеарното копче?!

Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел и измените во нуклеарната доктрина на Русија е причина за сериозна загриженост за можноста од ескалација на конфликтот, предупредуваат дел од безбедносните аналитичари, но смируваат дека во прашање е опстанокот на човештвото и не очекуваат да дојде до нуклеарен конфликт. Според познавачите, директна нуклеарна конфронтација е малку веројатна, но ситуацијата бара итни дипломатски напори за намалување на тензиите и спречување на понатамошна ескалација. Безбедносниот аналитичар Пецо Трајкоски, од Центарот за истражување и креирање политики, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека ескалацијата може да се гледа и како стратешка калкулација, со која се испраќа порака до Русија дека Западот нема намера да отстапи, потенцијално притискајќи ја Москва да размисли за преговори. Безбедносниот аналитичар Милан Стефановски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека пред постигнување на мир, кулминацијата на војната заради постигнување на подобри преговарачки позиции е најжестока, но во овој случај употребата на нуклеарно оружје е против секој разум. Актуелната атмосфера тој ја споредува со Кубанската криза во 1962 година кога светот беше на работ на нуклеарен конфликт, но сепак од причини како што е опстанок на човештвото, не дојде до тоа. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека одблиску се следат најновите случувања и развој на настани поврзани со и околу војната со Украина и Русија, но посочи дека анализите и проценките не можат јавно да се соопштат 

44

Дозволата од САД Украина да користи американски ракети со долг дострел ја промени нуклеарната доктрина на Русија и според изменетата доктрина Москва го задржува правото да размисли за нуклеарен одговор на напад со конвенционално оружје што го загрозува нејзиниот суверенитет. Американскиот претседател Џо Бајден со месеци одбиваше да одобри Украина да гаѓа цели во Русија со проектили со долг дострел, стравувајќи од ескалација на конфликтот, но на заминување ја промени одлуката токму кога се одбележуваа 1.000 дена од почетокот на руската инвазија во Украина. Скандинавските земји веќе се подготвуваат за опасност од нуклеарна пресметка.

По последните случувања, но и по изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека добро го познава Путин и дека може со сигурност да каже дека доколку се исцрпат сите други опции, нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје, се актуализира прашањето дали земјава, регионот и светот треба да стравуваат од нуклеарен напад.

Западот ја притиска Москва за преговори

Безбедносниот аналитичар Пецо Трајкоски, од тинк-тенк Центарот за истражување и креирање политики ЦИКП, во изјава за весникот ВЕЧЕР предупредува дека одлуката на претседателот Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел и измените во нуклеарната доктрина на Русија е причина за сериозна загриженост за можноста од ескалација на конфликтот. Според него, ова може да се гледа и како стратешка калкулација, со која се испраќа порака до Русија дека Западот нема намера да отстапи, потенцијално притискајќи ја Москва да размисли за преговори.

Пецо Трајкоскибезбедносен аналитичар
Пецо Трајкоски
безбедносен аналитичар

-Измените во руската доктрина дозволуваат употреба на нуклеарно оружје како одговор на напади со конвенционално оружје што ја заострува ситуацијата.  Од една страна, Украина долго време бара напредно оружје за да ги таргетира руските позиции подалеку од линијата на фронтот, а одобрувањето на ракети со долг дострел може да ѝ даде тактичка предност во услови на стагнација на конфликтот. Сметам дека во моментов војната во Украина е заглавена, но Русија има драстична предност и можност за понатамошна ескалација. Од друга страна, сметам дека Бајден можеби се соочил со значителен притисок од НАТО-сојузниците и домашните политички сили кои бараат поцврста поддршка за Украина пред крајот на неговиот мандат. Со оваа одлука, тој демонстрира јасна посветеност кон лидерската улога на САД во глобалната безбедност. Покрај тоа, ескалацијата може да се гледа и како стратешка калкулација, со која се испраќа порака до Русија дека Западот нема намера да отстапи, потенцијално притискајќи ја Москва да размисли за преговори, вели Трајкоски во анализата за весникот ВЕЧЕР.

Трајкоски смирува дека директна нуклеарна конфронтација е малку веројатна, но потенцира дека ситуацијата бара итни дипломатски напори за намалување на тензиите и спречување на понатамошна ескалација.

-Не можам да го игнорирам фактот дека оваа одлука дојде точно кога се одбележуваа 1.000 дена од почетокот на руската инвазија во Украина, што ја зајакнува нејзината симболика и ја покажува долгорочната поддршка за Украина. Сепак, загриженоста за можноста од нуклеарна ескалација е оправдана. Ако ситуацијата не се стави под контрола, ризикот од ненамерна ескалација останува голем. Особено ме загрижува изјавата на српскиот претседател Вучиќ, кој го познава Путин и предупредува дека доколку сите други опции се исцрпат, рускиот претседател нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје. Сметам дека, иако е малку веројатна директна нуклеарна конфронтација, ситуацијата бара итни дипломатски напори за намалување на тензиите и спречување на понатамошна ескалација, вели Трајкоски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Кулминацијата на војната пред постигнување мир

Безбедносниот аналитичар Милан Стефановски појаснува дека ревидирањето на руската нуклеарна доктрина, Москва го приспособува прагот за употреба на нуклеарно оружје во пресрет на неофицијалната одлука за употреба на деструктивно ракетно оружје со долг домет кој може да ја измести длабинската стратешка предност на Русија. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Стефановски вели дека пред постигнување на мир, кулминацијата на војната заради постигнување на подобри преговарачки позиции е најжестока, но во овој случај употребата на нуклеарно оружје е против секој разум.

Милан Стефановски, безбедносен аналитичар
Милан Стефановски, безбедносен аналитичар

-Она што загрижува е амплитудата на одлуката која ја разнишува целата атмосфера на можен прекин на огнот и постигнување каков-таков мир. Оваа одлука, а и употреба на ракетите со долг домет ја компромитира барем на краток рок можноста за мир, односно атмосфера креирана после победата на Доналд Трамп. Познато е дека пред постигнување на мир, кулминацијата на војната заради постигнување на подобри преговарачки позиции е најжестока, но во овој случај употребата на нуклеарно оружје е против секој разум. Формално, Бајден иако без политички легитимитет (институционален секако да), непотребно во овој момент го направи тој потег, односно ќе биде запаметен како човек кој долеал масло на огнот. Во суштина употребата на овие ракети нема стратешки да влијаат на состојбата на терен, и е сосема непотребна во воена смисла, бидејќи во последните неколку месеци Русија за волја на вистината направи значаен продор на фронтот и приграби нови територии, вели Стефановски.

Тој се осврнува и на одредени претпоставки дека военото крило во кабинетот на Бајден сака преку провокации и реакција на Русија да се изгради атмосфера на нестабилност и преку воена или вонредна состојба во САД да продолжи мандатот на Бајден (Уставот тоа го дозволува) и војната жестоко да продолжи.

-Секако тоа е ризик на можни граѓански судири и војни бидејќи Американците гласаа за подобра економија и за формулата за мир во светот. И, не смее да биде суспендирана демократијата, вели аналитичарот.

Во прашање е опстанокот на човештвото, нема да дојде до нуклеарен конфликт

Во однос на пораките од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вчера свика итен состанок на Советот за национална безбедност во Белград, како и подготовките во дел од скандинавските земји во градење и реновирање на капацитети за цивилна одбрана, Стефановски смета дека тоа е во рамките на ефектите на информациона војна. И покрај стегањето на обрачот, безбедносниот аналитичар смета дека нема да дојде до нуклеарен конфликт, споредувајќи ја актуелната атмосфера со Кубанската криза во 1962 година, кога светот беше на работ на нуклеарен конфликт, но сепак од причини како што е опстанок на човештвото, не дојде до тоа.

-Таму има протести за несреќата во Нови Сад и дефокус добро би му дошло. Путин најдобро го познава самиот Владимир Путин. Вучиќ ја има улогата на „страшило“ од одредени центри на моќ кои имаат и своја улога од психолошко-пропагандна пригода. Вучиќ не беше на последниот самит на БРИКС, па можеби Вулин му помогнал во градењето на психолошкиот профил на Владимир Путин. Во однос на Македонија, ниту ние ниту светот е доволно или целосно неподготвен за деструктивните последици од нуклеарен конфликт. Сепак, мислам дека нема да дојде до тоа. Оваа атмосфера наликува на Кубанската криза во 1962 година кога светот беше на работ на нуклеарен конфликт, но сепак од причини како што е опстанок на човештвото, не дојде до тоа. Денес светот е сосема поразличен, вели Стефановски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Стравувањата за можен нуклеарен конфликт ги зголеми и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека добро го познава Путин и дека може со сигурност да каже дека доколку се исцрпат сите други опции, нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје. Вучиќ кажа дека Србија ќе се подготвува за евентуален нуклеарен напад и ќе ги средува скривниците.

Путин подготвен да разговара со Трамп

Повикувајќи се на сегашни и поранешни руски официјални лица, Ројтерс објави дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара со новиот американски претседател Доналд Трамп за крај на војната во Украина, но Путин ја отфрла можноста за значителни територијални отстапки и инсистира Киев да се откаже од амбициите за членство во НАТО. Потврда за такво нешто дојде и од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека замрзнувањето на конфликтот во Украина не е опција за Русија и дека е важно Москва да ги постигне своите цели.

-Претседателот Владимир Путин јасно кажа дека опцијата за замрзнување на конфликтот не е прифатлива за нас. За нас е важно да ги постигнеме нашите цели, кои се добро познати на сите. Претседателот е подготвен за контакти и преговори по прашањето на Украина и зборува за тоа. Претседателот, повеќепати досега, да не речам секогаш, зборуваше дека е подготвен за разговори и преговори, изјави Песков и додаде оти Путин претпладнево имал „меѓународен телефонски повик“, без да открива детали со кого и за што.

Песков рече дека Русија е подготвена да ги нормализира односите со Соединетите Држави, но дека „нема да игра танго сама“. Москва бара трајна неутралност на Украина, воено ограничување за Киев, неограничена употреба на рускиот јазик.

Во однос на тоа како би можел да изгледа можниот прекин на огнот, руски извори се повикуваат на нацрт-договорот, кој за малку не беше одобрен во април во 2022 година, по разговорите во Истанбул. Според тој договор, Украина треба да се согласи на трајна неутралност во замена за меѓународни безбедносни гаранции од пет постојани членки на Советот за безбедност – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција.

Од почетокот на војната во Украина, Путин често го потсетува Западот на можностите на рускиот нуклеарен арсенал и предупредува дека секој што ќе се обиде да изврши нуклеарен напад против Русија ќе биде избришан од лицето на Земјата. Но, светот може да се надева на Путиновата самосвест за опстојување на човештвото, откако лани во декември рускиот претседател на симулација одби да го притисне „нуклеарно копче“ на контролната табла, додека беше во обиколка на голема изложба на руски достигнувања.

Од руската инвазија на Украина поминаа 1.000 дена. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во кампањата пред изборите на 5 ноември, тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина, но не сподели детали со јавноста за тоа како планира да го реализира тоа.

Чешкиот претседател Петр Павел денеска изјави дека се надева оти одлучноста и „неодоливиот стил“ на новоизбраниот претседател на САД можеби можат да помогнат да се натера рускиот претседател Владимир Путин на отстапки и да се отвори простор за дипломатија во војната во Украина, иако патот до мирот ќе биде долг и дека е невозможно да се постигне за 24 часа.

Мицкоски: Ги следиме најновите случувања со војната во Украина

Одблиску се следат најновите случувања и развој на настани поврзани со и околу војната со Украина и Русија, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски, но посочи дека анализите и проценките не можат јавно да се соопштат.

-Одблиску ги следиме најновите случувања и развој на настани. Ги анализираме. Се разбира дека нема јавно да кажеме што е тоа што го анализираме и кои се нашите проценки. Очекуваме час поскоро сето тоа таму да заврши и да се стави крај на оваа војна, на би рекол оваа руска агресија, и да можеме нормално да функционираме и да можеме да се развиваме онака како што посакуваме, изјави Мицкоски.

До затварањето на весникот, не добивме одговор од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова околу најновите случувања со војната во Украина и дали претседателката ќе закаже седница на Советот за национална безбедност.

Брисел со Македонија ја јакне колективната одбрана на Европа 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во Брисел, во вторникот, потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана меѓу Македонија и Европската Унија. Шефот на македонската дипломатија истакна дека овој договор претставува историска пресвртница во односите меѓу земјава и Европската Унија. Според него, ова партнерство ги нагласува силните врски меѓу нашата земја и Европската Унија, изградени врз заедничките вредности на доверба и заедничката визија за побезбедна и попросперитетна иднина.

Борел, од своја страна, пак, истакна дека ова партнерство означува пресвртница во стратешката соработка на ЕУ не само со земјава туку и со цел Западен Балкан.

Во соопштението од Европската служба за надворешни работи се посочува дека актуелната неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина ја истакнува критичната важност на единството и на блиската соработка на ЕУ со нејзините најблиски партнери.

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА